Џафери до опозицијата: Или има договор за ребалансот или на почеток кажете дека нема!

by Фокус

Собранието ја заврши расправата по ребалансот на буџетот, а пратениците треба да гласаат по паузата што беше дадена за да се смири тензијата во салата. Имено, изби расправија меѓу спикерот Талат Џафери и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски. Мицевски не сакаше да ја напушти говорницата, откако Џафери му го одзеде зборот, со образложение дека нема право на процедурална забелешка.

-Немојте да замислувате дека ќе повторите некои работи што се случија овде. Се однесува на сите што се обидуваат да ја заземат говорницата и на сите што се заканувате. Не си играјте. Има Деловник за работа. Мене ме избравте да седам на ова место и да го водам овој дом. Пет дена ве слушам и направив моја статистика. Од 53 пратеници кои говореле, 28 се од опозиција и 25 од мнозинството, не сметајќи ги репликите. Имавме договор дека денеска ќе завршиме. И прашав дали има потреба мнозинството да обезбеди мнозинство. Сите се согласивте дека не мора, затоа што се работи за буџет. А на завршни зборови излегувате сите надвор за да покажете дека мнозинството нема мнозинство. Слушајте ме сите од опозицијата – или има договор или ќе кажете од почеток дека нема договор – рече ЏАфери.

Во меѓувреме, околу говорницата се собраа и други пратеници, а Џафери ги замоли сите да се вратат на своите места и да седнат. Мицевски рече дека опозициските пратеници ќе присуствуваат на седницата во интерес на граѓаните. Доколку не е во салата опозицијата, истака тој, нема доволен број пратеници за да се донесе овој пакет мерки и ребалансот.

Поврзани новости