Џафери: Да не се заборави „крвавиот четврток“

by fokus

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во излагањето на Преспа форумот за дијалог рече дека не смеат да се заборават 24 декември 2012 – денот кога новинарите и тогашната опозиција брутално беа исфрлени од Парламентот познат како „црниот понедлник“, и 27 април 2017 – кога се случи упадот во законодавниот дом познат како „крвавиот четврток“.

-Нашите надежи треба да се свртат кон иднината. За да се надминат овие предизвици, нормално дека во клучните моменти требаше ладнокрвност, тоа верувам дека го покажавме на 27 април. Требаше ум, далекувидност на сите, за тоа во која насока ќе се движиме и највеќе од сè треба политичка волја за да се отвори простор за дијалог, и зошто да не и помирување меѓу политичките субјекти за да се отвори можноста да одиме напред и да го направиме првиот чекор од нулта-точката. Преспанскиот договор беше нашето движење од нулта точка – рече Џафери.

Тој додаде дека Охридскиот договор придонел за мир и релаксација на меѓуетничките односи на внатрешен план.

-Се надевам дека Договорот потпишан со Република Бугарија за пријателство, добрососедство и соработка ќе биде ваков модел и набрзо, со позитивно рефлектирање на Република Бугарија ќе се овозможи и првата меѓувладина конференција Република Северна Македонија – Европска Унија, што ќе го одбележи и отворањето на преговорите за нашето полноправно членство во европското семејство, таму каде што и ни е местото – порача Џафери.

Поврзани новости