Немам јас тешки теми, вели Мицкоски за можна кандидатура на Јанчев

by fokus

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски информираше дека веќе се утврдени 15 кандидати за градоначалници, а уште 15 ќе се изберат за останати општини. Нивните имиња ќе бидат објавени во септември, на Централен комитет.

„Фокус“ стапи во контакт со Мицкоски за да дознаеме зошто ќе се чека до септември за објавување на имињата на кандидатите, со оглед на тоа што се наметнуваат шпекулации дека се чека до последен момент, со цел медиумите да немаат доволно време да ги „прочешлаат“ биографиите на потенцијалните градоначалници.

-Зарем чекањето на биографиите е клучното прашање за кандидатите?- вели Мицкоски, појаснувајќи дека тој не е на мислење дека е важно дали некој има афери зад себе, дали има чисто минато, или пак евентуално дури бил осомничен и вплеткан во кривични дела.

-Денес секој може да добие кривична пријава и тоа не значи дека е корумпиран или дека таа пријава е оправдана. Кандидатите ќе се дознаат во септември, доколку ,,ad hominem” напади се клучни, тогаш не знам што да кажам – вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ на нашата забелешка дека сепак на народот му е важно предложените кандидати да бидат со чисто минато и да немаат сомнителен багаж со себе.

Околу тоа дали кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев ќе биде кандидиран од страна на партијата, со оглед на постигнатите успеси и популарноста, Мицкоски нема конкретен одговор.

Дали смета дека некој друг кандидат би ги постигнал или евентуално надминал успесите на Јанчев, не ни одговори. Сепак, на нашата констатација дека Јанчев му е тешка тема за муабет, тој е категоричен.

-Немам јас тешки теми. Има критериуми и кој е најдобар според тие критериуми, тогаш тоа е тоа! – вели Мицкоски.

Како потсетување, кавадаречкиот градоначалник Јанчев минатата недела изјави дека доколку не ја добие поддршката од ВМРО ДПМНЕ, ќе се кандидира како независен. Според анкетата на МЦМС, Јанчев, Арбен Таравари од Гостивар и Максим Димитриевски од Куманово се најдобри градоначалници.

Од СДСМ пак, изјавија дека првите имиња на кандидати за градоначалници ќе бидат познати на 13-ти јули.

Вики Клинчарова

Поврзани новости