Претседателот на Собранието Талат Џафери во Вин Вин на Телма рече дека по завршувањето на вонредната состојба Државната изборна комисија веднаш треба да почне со подготовка на изборите.
-Не може Државната изборна комисија да условува. Таа е обврзана според решение на претседател на Собранието, а во случајов и според уредбата е должна да постапи по роковите како што застанала. Евентуално, во однос на она што избирачкиот список бил ажуриран до 12 април, па ќе биде нов датум. Изборниот законик, обврските на државните органи посебно МВР кај што е матичната служба имат периодична обврска на три месеци да достават извештај за ажурирање на Избирачкиот список – рече Џафери.
Тој појасни дека нема обврска да одговори на иницијативата поднесена од 35 пратеници за повторно свикување на Собранието за да се потврдат одлуките за прогласување вонредна состојба поради пандемијата со ковид-19.
– Изричито мое право и надлежност како претседател на Собранието е дали ќе свикам или нема да свикам седница. Ако сметаат дека сум ја злоупотребил својата функција можат да поднесат кривична пријава. Престанокот на мандатот на пратениците за претставување на граѓаните престанал месец и повеќе дена откако настапија условите за причината за вонредна состојба и од таа причина ние не може да се вратиме да одлучуваме. Со решението за свикување седница за да вратам Парламент којшто се решил да го врати својот мандат јас го прекршувам Уставот и правам кривично дело – порача Џафери.
Тој додава дека Собранието не може да се врати и поради тоа што претседателот на државата Стево Пендаровски при првиот предлог од Владата за донесување одлука за вонредна состојба го прифатил неговото укажување дека Собранието не може да се состане.
-При втората одлука претседателот вика мислам дека Собранието може да се состане, претседателот на Собранието не е подготвен да прифати одоворност, јас ја преземам одговорноста. Ако така мислел претседателот на државата вториот пат, требало да мисли и првиот пат и да каже кога му го пратив писмото првиот пат дека Собранието не може да се состане и дека има поинакво мислење. Требало да каже „не“ – истакна Џафери.