Дежа ву или дежа бууууу судии

by fokus 15:30
15:30

Реформа на судство не се прави од извршната власт, која и го искорумпира судството, ниту со партиски соопштенија и влијанија кои се длабоко вмрежени во ткивото на судството. Потребно е да се тргнат рацете на извршната власт од судството, да се направи евалуација на работењето на сите судии од страна на независно тело формирано од експерти

Звонко ДАВИДОВИЌ

- Advertising -

Идејата за независно судство, во кое општеството и граѓаните ќе имаат доверба, е дамнешна идеја, која во нашето општество, предизборните кампањи и калкулантските изјави на партиите се провлекува со децении. Вистинските напори за самостојноста на судството, неговата независност и устројување како вистинска трета власт во нашиот систем беа малку, но ги имаше. Тие дадоа добра можност и основа за создавање модерно судство во кое секој ќе има доверба. Дел од таквите заложби беа создавањето на тогашниот Републички судски совет, нивниот избор, напредување и разрешување да ги врши РСС, кој е орган составен од судии, траен мандат за судиите и сопствен буџет.

Сево ова беше добар темел за надградување на судството и создавање независно и самостојно судство, кое ќе биде далеку од политиката, надвор од канџите и гнилоста и расипаноста на извршната власт, како и безгласноста и сервилноста на законодавната власт.

МОЌНА АЛАТКА НА СИТЕ ВЛАСТИ

За жал, во нашата земја никогаш не се размислува како нешто да се подобри, туку како нешто да се стави во нечија функција и да служи за потребите на извршната власт и партиските интереси кога таа опција е на власт. Разлика во дејствувањето меѓу политичките опции што се менуваат во власта изминативе триесетина години нема по однос на судството. Секому му стана јасно дека судството е моќна алатка за справување со политичките противници, опоненти и неистомисленици и сето тоа да биде под превезот на „законито“ спроведена постапка.

Изместувањето и искривувањето на една добра идеја почна со избор на правник кој никогаш не работел во судството, туку беше избран за судија од претпријатие директно во Врховен суд. Тоа ја отвори „Пандорината кутија“ и ѝ покажа на извршната власт пат и можност за влијание врз судството и ставање рака на истото. Од тој миг, не само судии, туку, пред сѐ, членови на Судскиот совет беа избирани по принципот на послушник, партиски симпатизер и правен анонимус.

Дополнително, ситуацијата ја искомплицира повторно политиката со условот 5 члена на судскиот совет да бидат од националностите, што ѝ овозможи, пак, на друга еднонационална политичка партија огромно влијание во судството. Формулацијата „истакнат правник“ се претвори во партиско решение, а поделбата на местата и влијанието беа договорени. Сфери на интерес беа поделени и доделени, па некои од судовите и претседателските места се договараа и „пеглаа“ на партиските и меѓупартиските координации. Еден мал дел од ова пазарење граѓаните можеа да слушнат во објавените бомби.

Од мигот кога политичките партии се инфилтрираа во Судскиот совет преку недоветни и послушнички и дресирани членови, вратата кон судството и предметите беше широко отворена. Реферирање на претседател на Судски совет на секретарка на премиер за тоа кој ќе биде избран за судија и дали е испочитуван партискиот договор помеѓу коалиционите партнери се слушна исто така во бомбите.

МИЗЕРИЈАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ

Со ова и во сета светлина ја покажа бедата на нашиот судски систем и мизеријата на Судскиот совет, кој требаше да служи како брана и бедем кон политиката и да биде гарант за независноста и самостојноста на судството. Не само што не беше тоа што требаше да биде, туку судскиот совет се претвори во монструм, кој преку изборот, напредувањето, оценувањето и казнувањето ги дисциплинираше судиите, кои отстапуваа од политичката замисла и линија на извршната власт.

Незадоволството и недовербата кулминираа со објавувањето на „бомбите“ и резултираа со повеќемесечни протести на граѓаните кои бараа правда, одговорност за функционерите кои грубо го прекршија законот, злоупотребувајќи ја функцијата и еднаквоста пред законот за сите. Шарената револуција, која ѝ се случи на земјата заедно со неколку други елементи, доведе до промена на власта со надеж дека правната држава ќе заживее.

Во тоа време, група искусни експерти под водство на Прибе состави извештај во кој јасно и недвосмислено укажа на сите горливи области, ги дијагностицираше изворите и причините за таквата состојба и даде препораки за надминување на истите. Извештајот на Прибе недвосмислено укажа дека во пет сфери – следење комуникации, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиуми, состојбата е алармантна и далеку од нормална.
Препораките јасно укажуваа дека само во мал дел се однесуваат на законските измени или донесувањето нови закони, додека најголемиот дел се однесува на деполитизација на судството и воспоставување строго регулирани правила за назначување, унапредување и разрешување на судии и обвинители.

Во препораката дословно се наведува „со цел да се обезбеди независноста на судството од политичко влијание врз донесување одлуки во обвинителството и судството назначувањето и унапредувањето на судии и обвинители да биде деполитизирано. Назначувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите треба да биде направено од Судскиот совет и Советот на обвинители според транспарентни, објективни и строго засновани на заслуги критериуми и со користење на транспарентни процедури што треба да бидат воспоставени со закон а не само со интерни правила“. Исто така, во извештајот се потенцира дека во поглед на случаите што имаат политичка димензија, или кои се предмет на интерес на политичарите, вообичаените стандарди се ставаат на страна.

ЗАБОРАВЕН ИЗВЕШТАЈОТ НА ПРИБЕ

Извештајот на Прибе, како и сите ветувања на власта што дојде, беа брзо заборавени. Како и секогаш, од многу ветувања останаа само ветувањата, само празни зборови без никакви дела. Власта што дојде на власт, благодарение на Шарената револуција и перцепцијата на граѓаните дека институциите на системот се партиски заробени од претходната политичка опција, доби полна доверба, и покрај политичкиот багаж што го имаше зад себе во минатото.

Шансата за создавање правна држава и заживување на судството и негово градење како независно, самостојно и како трета власт беше пропуштена и за многу кратко време се виде дека никакви реформи нема да се спроведат, а најмалку генерален реизбор или евалуација на работењето на судиите и обвинителите. Некое време и се мачкаа очите на јавноста со некаков ветинг, но и таа политичка празна парола бргу ја снема од политичките пароли и соопштенија.

Наместо тоа се случија низа настани, кои покажаа дека ниту оваа политичка опција не е спремна вистински и суштински да се фати во костец со горливиот проблем на заробено и исполитизирано судство. Наместо тоа добро ја искористија, како и претходните, моќта што ја имаат над судството и обвинителството, па почнувајќи од случувањата и криењето на кривичното дело на градоначалникот на Ново Село, селективна амнестија заради гласовите во Собранието, никаква разрешница во предметите на СЈО, политичките пазарења и кокетирања околу Законот за јавно обвинителство, урнисувањето на СЈО и случајот „Рекет“ покажаа дека извршната власт не е спремна да се откаже од влијанието врз судството и дека реформи нема да има.

Но, ситуацијата на теренот беше многу полоша отколку претходно, затоа што дел од претходната политичка опција остана инфилтриран во судскиот систем, а новата политичка опција создаваше свои приврзаници, што доведе, не само до правна несигурност и нееднаквост пред законот, нешто што веќе го имавме, туку и до недопирливост на високите сегашни и поранешни функционери и пред сѐ на апсурдни и смешни правни ситуации, обвинителски и судски одлуки.

Од повиците и ветувањата дека ќе се изврши евалуација на работењето на судиите и кадровска промена на раководните луѓе во судството и сосема нова поставеност и пристап кон Судскиот совет останаа празни зборови и одвај неколку разрешувања и тоа на „туркање“.

СУДИИТЕ ТРЕБА ДА ГИ ПРОВЕРУВА НЕЗАВИСНО ТЕЛО

Сегашниот вокабулар на партијата што е на власт е ист како и пред неколку години кога дојде на власт. Повторно се труби на сите страни за ветинг на судии, за проверка на работењето, за многу нешта како и претходно, но повторно се нема идеја и визија и одговор на многу прашања што стручната јавност ги поставува. Проверка на работењето на судиите е добра идеја за која многу одамна се залагаме, но не се залагаме таа проверка да ја врши Судскиот совет, кој остана нереформиран и контаминиран, а кој со својата исполитизираност и полтронство го доведе судството до ова ниво.

Илузорно е Судскиот совет, кој веќе ја оценил работата на судиите и дал оценки за тоа, да врши контрола на нешто што веќе го оценил, а очекувањата дека ќе утврди нешто друго од она што веќе го утврдил преку оценувањето се илузорни. И понатаму Судскиот совет е единствениот орган врз кој никој нема контрола, ниту надзор, а тој има огромни овластувања и моќ, кои политичките партии во голема мера ги користат. Потребно е создавање ново независно тело составено од експерти без багаж, или какво било политичко минато, кое ќе врши контрола над работата на Судскиот совет.
На Македонија ѝ се потребни сериозни реформи, кои нема да останат само на законски измени како шминка, туку ѝ се потребни добро испланирани и осмислени стратегии за деполитизирање на судството, санкционирање на секое политичко влијание во истото, длабоки резови и чистење на судството од сите политички инфицирани судии.

 

Реформа на судство не се прави од извршната власт, која ѝ го искорумпира судството, ниту со партиски соопштенија и влијанија кои се длабоко вмрежени во ткивото на судството. Потребно е да се тргнат рацете на извршната власт од судството, да се направи евалуација на работењето на сите судии од страна на независно тело формирано за таа намена од експерти, професори, а по потреба и странски експерти, како и со расчистување на сите случаи на висока корупција од страна на сегашните или бившите јавни функционери.

Потребно е создавање прецизни и строги правила за оценка на работењето на судиите, нивниот избор, напредување и разрешување и зголемување на транспарентноста на работењето на Судскиот совет и утврдување на правила за одговорност на членовите на судскиот совет и контрола на нивното работење. Само на тој начин ќе создадеме услови и клима за заживување на судството и негово втемелување како трета самостојна и моќна власт.

Поврзани новости