Неделава што изминува почна да се вжештува атмосферата со нови, овојпат помали протести. Откако масовните протести престанаа кога политичките партии седнаа на преговарачка маса, средношколците го скршија мразот и организираа средношколски марш како будење од летниот сон. Средношколскиот пленум се реактивираше (иако никогаш не ни престана со активностите) после мирното лето и порача дека борбата продолжува. Продолжува борбата на средношколците, но дали само нивната?
Причина за овој протестен марш беше екстерното тестирање и концептот за државната матура. Средношколскиот пленум бара укинувањето на екстерното тестирање, задржување на стариот концепт на полагање државна матура и вклучување на Средношколскиот пленум во работата на новиот концепт. Оние кои протестираа се револтирани поради игнорантскиот однос од Министертвото за образование и наука. Иако министерот Абдулаќим Адеми во текот на летото највуваше дека сите засегнати страни ќе бидат сослушани, од тоа ништо не се случи. Тој во јули најави и дека новиот концепт за државната матура, во чија изработка ќе биде слушнат гласот на засегнатите, ќе биде готов до септември, но и тоа не се случи.
Тоа беше доволен мотив пред Министерството за образование да се случи дежа ву: „Доста беше молк“, „Екстерно за Владата“ и „Нема правда, нема мир“ извикуваа стотици средношколци. Доколку надлежните не ги сослушаат и прифатат нивните барања, средношколците најавија уште едно дежа ву: бојкот на наставата и камп пред Министерството, исто како лани.
Сега се е исто како лани, само што официјално политичките партии одлучија кризата да ја решаваат преку преговори. Некако успеаја да го донесат Договорот од Пржино, но сега заглавија при неговото спроведување. Токму Договорот од Пржино кој ги неутрализираше граѓанските протести, сега може и да ги реактивира. Масовните протести не престанаа бидејќи престана незадоволството на граѓаните.
Аналитичарот Здравко Савески за Фокус објаснува дека последниот средношколски марш може да биде иницијална каписла за нови масовни протести, исто како што лани тоа беше првиот студентски протест после кој сите граѓани се охрабрија да го изразуваат своето незадоволство.
-Дефинитивно ова беше прв поголем простест по неколку месеци и тоа може да ја има истата улога која ја имаше и првиот студентски протест минатата година. Треба да се има во предвид и незадоволството на голем број на граѓани што прекинаа протестите, оставајќи им на политичките партии да се договорат за избори и без протести да се реши ситуацијата. Бидејќи договорот на политичките партии е во ќор-сокак и бидејќи повторно видовме масовен протест, можно е средношколскиот протест да има иста улога како што имаше првиот студентски протест лани, смета Савески.
Во ист ден со средношколскиот протест во Скопје, се одржа и помал протест пред Владата со кој се бараше правда за убиството на Мартин Нешковски. Еден ден потоа, односно вчера, се одржа и средношколски марш во Куманово. Во ист ден со овој марш, Студентскиот пленум со собир пред платото на УКИМ одбележа една година постоење. И студентите не ја исклучуваат можноста за повторно организирање на масовни протести поради студентските проблеми: мизерните студентски домови, студентскиот парламент и задолжителното плаќање на ИКСА, како и нов Закон за високо образование. Од Студентскиот пленум за Фокус велат дека доколку власта повторно не сака да ги слушне, протест нема да биде на одмет. Сепак, велат дека за разлика од Владата, тие не носат полуготови непромислени решенија во три по полноќ, туку пред секој потег прават анализа на ситуацијата.
-За Пленумот оваа Влада е нелегитимна, бидејќи прво ни ветија преговори, па после направија се’ што е во нивна моќ да ги одложат, министерството одново го стави на маса концептот на надворешно тестирање врз студентите, беа брутално тепани наши колеги во библиотеката „Браќа Миладиновци“. Неблагодарно е однапред да шпекулираме до каде ќе одиме, меѓутоа Студентскиот пленум со Автономната зона покажа дека е сериозен чинител и дека не се плашиме да се бориме за она што сметаме дека е исправно. Студентскиот пленум мора да биде движењето кое ќе ги избави студентите од маргините на општеството и ќе започне со пишувањето на вистинската иднина на Македонија. Пленумот ќе се бори до крај за остварување на оваа визија, вели Демијан Хаџи-Ангелковски од Студентскиот пленум.
Во наредните денови останува да се види дали политичките субјекти ќе успеат да ги одглават преговорите и да се договорат за изборот на новите министри од СДСМ и новите заменици-министри, како и дали конечно ќе биде избран тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева. Доколку ова не се случи, Договорот од Пржино и официјално ќе пропадне и тогаш се ќе се врати на почетокот. Едно е сигурно: трпението и времето кое граѓаните им го дадоа на политичарите за решавање на кризата полека истекува. Прашање на време е кога граѓаните ќе ги земат работите во свои раце и излезот од политичката криза ќе го побараат преку масовни протести.
Катерина Смилева