Девојката со Ју знамето во Кавадарци е родена и израсната во Америка: Почнаа да ми приоѓаат луѓе, ме трогнаа нивните приказни

by Фокус

За време на вчерашниот концерт на балканската музичка ѕвезда Лепа Брена во Кавадарци, додека ја изведуваше песната „Југословенка“, во публиката се вееше југословенското знаме. Настанот предизвика носталгија кај поголемиот дел од посетителите, кои во огромен број емотивно ги пееја познатите стихови со Брена.

Околу тоа кои се девојката и момчето кои го развеаа југословенското знаме среде Кавадарци, „Фокус“ дознава дека се работи за 20-годишната Деспина Крлевска, која е родена и порасната во Америка и нејзиното 21-годишно момче Филип Пердулоски. Двајцата млади студирале дипломатија на Американскиот факултет во Солун, а како што раскажа Деспина, таа живеела на релација Охрид-Солун-Флорида.

-Секогаш кога ќе се спомне името Лепа Брена, мене тоа ме асоцира на Југославија. Претпоставивме дека во Кавадарци ќе ја испее ,,Југословенка” и затоа го понесовме знамето со нас – раскажува младата девојка.

Иако е родена во време кога Југославија веќе не постоеше, вели дека во Америка растела со спомените на нејзините родители од времето на Југославија.

-Јас сум родена и израсната во Америка, а моите родители се родени во Југославија. Многу ми влијаеа нивните мемоари околу тоа како растеле, каков живот имале, како се образувале, каков здравствен систем имале и општо, за целокупното живеење во тој период. Можам да кажам дека никогаш не изустија лош збор за Југославија. Самиот факт дека некогаш бевме дел од водечка светска сила, а сега сме нација која буквално моли за се, постојано за нешто сме условени, мене ме прави лута на сета таа неправда. Со самата споредба, мене ми навираат солзи на очи- раскажува Деспина.

Додава дека била трогната од реакциите на луѓето во публика, кои кога го забележале знамето започнале да и приоѓаат.

-Посебно ме растажи носталгијата на луѓето околу мене, ми пријдуваа да се фотографираат со знамето, ми раскажуваа за своите спомени од животот во Југославија. Слушнав убави носталгични приказни, за времето кога оделе во војска, за заклетвата која ја давале под тоа знаме, за братството и единството со кое тогаш се живеело – вели Крлевска.

Инаку, синоќешниот концерт на Лепа Брена беше еден од најпосетените кои се одржале во склоп на манифестацијата ,,Тиквешки гроздобер”. Десетици илјади луѓе од сите градови дојдоа во Кавадарци и пееја заедно со неа, а настанот заврши со огномет.

Вики Клинчарова

Поврзани новости