Девојката која се обиде да ја спаси мајка си од смртоносните убоди на татко и е вон животна опасност

by fokus

Дваесет и двегодишната кочанка, која утринава беше повредена од сопствениот татко, додека се обидувала да го запре во намерата да ја убие мајка и, е вон животна опасност, дознава „Фокус“ од кочанската болница.

Оттаму ни појаснија дека девојката од интезивна нега е спуштена на одделение, што значи дека е во свест. Исто така ни посочија дека таа нема убоди, туку само гребнатинки по телото. „Фокус“ засега не успеа да добие официјална информација за здравствената состојба на девојката, бидејќи како што ни посочија од болницата, докторот кој ја примил заминал дома по ноќното дежурство.

Од МВР и од обвинителството утринава информираа дека во 3.30 часот по полноќ се случила голема семејна трагедија, кога кочанец најпрвин ја убил својата сопруга, а потоа се самоубил. Она што семејната трагедија ја прави уште по траорна е што крвавиот чин се случил пред очите на двете нивни деца.

-Утринава во 3.30 часот, по семејна расправија, сега починатиот Б.А. неколкупати со нож ја ранил својата сопруга Л.А. Откако увидел дека жртвата покажува знаци на живот посегнал по чекан и со него и нанел неколку удари во главата со намера да ја усмрти. Сведок на насилството биле децата на брачниот пар, 22- годишната ќерка и 13 годишното момче кое веднаш побегнало и се засолнило кај соседи. Ќерката, по безуспешен обид да го спречи својот татко во кој и самата претрпела повреди, го пријавила случајот во полиција, велат од обвинителството.

Во моментот кога стигнале полицајците, мажот веќе бил качен на покривот и скокнал.

-Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани изврши увид на лице место заедно со екипа на крим техника од Министерството за внатрешни работи. Во насока на утврдување на фактите и расветлување на настанот, издадени се Наредби за прибирање и вештачење на траги од лице место, за анализа на крв и урина од починатите и за вршење на обдукција на телата на починатите, информираат од обвинителството.

В.В.

 

Поврзани новости