Девојка избегала од силувач кај Олимписки базен, предупредува дека во Центар циркулира опасен човек

by fokus

Се обиде да ме силува, беше соблечен, меѓутоа на среќа успеав веднаш да избегам, раскажува Тамара Д. за обидот за силување кој и се случил вчера околу 20.00 часот во близина на Олимписки базен. Таа на својот фејсбук профил објави за настанот и испрати предупредување до останатите девојчиња да внимаваат, затоа што, вели, во Центар цирклулира опасен човек.

„Внимание до сите граѓани на Општина Центар!!! Вчера бев нападната пред влезот на мојата зграда од страна на лице што најверојатно беше од ромска националност, на околу 25 години, висок околу 175-180 цм“, напиша Тамара.

Како што раскажува таа, во полициската станица каде го пријавила случајот и рекле дека била петта жртва и дека изминатиов период биле пријавени уште четири такви случаи. Еден случај, вели Тамара, бил многу сериозен.

Сепак, додава, добила информации дека обвинителство нема да го третира случајот како обид за силување, туку како недолично однесување на јавно место. За нападот да се третира како обид за силување, жртвата требало да биде допирана по гениталиите.

Од Министерството за внатрешни работи за „Фокус“ потврдуваат дека настанот е пријавен во полициска станица вчера во 22.00 часот.

„Т. Д. пријавила дека на 06.06.2018 год. во 19.45 час. на ул.Пролет од страна на машко лице била пресретната и истиот ги соблекол панталоните и ја повлекол накај себе, но Т.Д. успеала да го оттргне од неа и да избега. Се преземаат мерки и активности за расчистување на случајот“, додаваат од таму.

 

Поврзани новости