Народната банка веќе има засилена контрола врз работењето на менувачниците со цел, како што велат, да се спречи шпекулативно однесување на одредени менувачници.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во изјава за МИА, посочува дека во тек се засилени инспекциски контроли од страна на Народната банка по менувачниците, како и дека согласно регулативата, тие не смеат да ги чуваат девизите и да не вршат менувачко работење. Ваквото однесување може да се санкционира, вклучително и со одземање на дозволата за работа, порачува гувернерката.
-Нема да дозволиме беспотребно ширење паника и креирање фиктивни притисоци на менувачкиот пазар, поради нечии лични интереси и неодговорно однесување. Девизи на пазарот има. Девизните резерви се стабилни и високи и изнесуваат 3,5 милијарди евра. Банките имаат и свои девизи, и вршат менувачка работа. Впрочем секој граѓанин кој сака, може да купи колку сака девизи и во банките, вели Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката посочува дека секогаш кога ќе се јави некаква криза, менувачкиот пазар е мета на шпекулатните кои сакаат да профитираат.
Таа истакнува дека домашната валута е стабилна, но и дека има доволни количини девизи на пазарот доколку некој сака да купи.
Народна банка најави засилени инспекции по шпекулациите во јавноста дека менувачниците не продаваат девизи затоа што чекаат повисок курс, а по закон, тие не смеат да ги чуваат девизите и да не ги менуваат.
И од Македонската банкарска асоцијација (МБА) тврдат дека менувачките работи се одвиваат непречено, а банките располагаат со доволно девизна готовина и девизи за задоволување на потребите на граѓаните.
Додаваат и дека курсевите се јавно објавени на секое менувачко место и се на стабилно ниво.
Средниот курс на еврото е 61,69. Куповниот курс во банките е 61.30, а продажниот 61,80.
Продажниот и во најголемиот дел од менувачниците е ист, 61,80, додека некои одат и до 61,90.