На денешен ден пред точно девет години, трагично загина легендарниот Тоше Проевски во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.
Македонија и Балканот денеска се сеќаваат на виртуозот, кој со само 26 години зад себе имаше оставено огромно музичко богатстви.
„Македонскиот славеј” како што го нарекуваа, за брзо време го освои и Балканот, а несомнено ќе доживееше и светска слава. За жал неговиот прв албум на аглински јазик „Тhe hardest thing” беше издаден постхумано.
Тоше загина утрото веднаш по неговиот голем хуманитарен концерт на 5 октомври 2007 на Градскиот стадион во Скопје под мотото „Образованието е одговорност на сите”.
Во негова чест, и оваа година на тој датум фановите организираа настан „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“ на градскиот плоштад. Годинава и маратонци повторно тргнаа од Нова Градишка и се упатија кон Крушево, неговиот роден град и местото каде почива.
Тоше ја освојуваше публиката особено со неговата скромност и едноставност. За неговата хуманост ја доби и наградата Мајка Тереза, а УНИЦЕФ го прогласи за свој амбасадор.