ДЕВЕДЕСЕТ И ОСУМ ГОДИНИ – СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА

by fokus

Во присуство на голем број стопанственици, претставници на државните институции и на дипломатскиот кор, Стопанската комора на Македонија ја одбележа деведесет и осум годишнината од работењето и децениските заложби за унапредување на деловниот амбиент во земјата и развојот на македонското стопанство.

Колкава е тежината и моќта на Стопанската комора на Македонија во развојот на економијата покажува бројноста и посетеноста на денешниот настан, истакна претседателот Бранко Азески, изразувајќи очеквање дека при одбележувањето на столетието на Комората бројноста и присутноста на членките ќе биде уште поголема.

Стопанската комора е еден од клучните партнери на Владата, давајќи значаен придонес за градењето и развојот на стопанството во нашата држава и има значаен придонес за остварувањето на конструктивен јавно – приватен дијалог, а преку идеите и консултациите има значајна и неприкосновена улога во креирањето на законските прописи, економските планови и мерки – истакна Мила Царовска, заменик на претседателот на Владата, задолжена за економски прашања и за координација со економските ресори.

Традиционално на одбележувањето на деведесет и осум годишнината на Комората беа доделени награди и признанија на реномирани компании – членки кои со своите активности ја обележаа 2019 година и кои долги години придонесуваат за коморското работење и за развојот на македонското стопанство.

Доделувајќи ги наградите и признанијата, претседателот на Владата на РСМ, Оливер Спасовски пред присутните истакна дека коморската манифестација сведочи за долгата традиција и улогата на бизнис асоцијацијата како претставник и глас на стопанството. Комората конитнуирано дава огромен придонес за равојот на македонското стопанство преку заштита и афирмација на интересите на нејзините членки, активно вклучување во едукација и реформи на образовниот систем, развој и афирмација на стопанските потенцијали.

Стопанската комора додели награди за компании кои имаат извоз со висок степен на финализација на производите на:

1. МИКРОСАМ Прилеп, светски конкурентно претпријатие со инсталирани повеќе од 200 производни линии во околу 40 земји низ светот.

2. БРАКО Велес препознатлив на многу пазари на Балканот и во Европа, по производство на жичани производи, медицински мебел и товарни приколки, а од неодамна и на транспортни ленти.

3. ЛТХ ЛЕАРНИЦА Охрид, браунфилд странска инвестиција за леење и машинска обработка на алуминиумски компоненти наменети за автомобилската индустрија.

Награди за долгогодишна активна членка на Стопанската комора на Македонија беа доделени на компаниите:

1. Македонски Телеком – водечки технолошки лидер, со мрежа целосно базирана на интернет протокол, која покрива 90 проценти од територијата на државата и 99 проценти од населението.

2. ЕВН МАКЕДОНИЈА водечки европски бренд за услуги во доменот на енергијата и животната средина, што управува со 11 мали ревитализирани и целосно автоматизирани хидроцентрали.

3. Гранит Скопје, една од малкуте градежни компании кои во моментот се присутни и на странскиот пазар со висококвалификувани расположливи кадровски капацитети.

4. САСА – најголемиот подземен рудник во земјата, со околу 800.000 тони експлоатирана руда секоја година од ревирот Свиња Река.

5. БЕТОН Скопје, со богато искуство и значајни референци во реализацијата на градежни работи во високоградбата, нискоградбата и хидроградбата.

6. ВИТАМИНКА Прилеп – лидер во прехранбената индустрија на македонскиот пазар, но и со 45% производство наменето за странските пазари во околу 30 земји во светот.

7. Бучим Радовиш, единствениот рудник за бакар во земјата во кој се обработува преку 4,5 милиони тони руда и се произведува бакарен концентрат кој содржи бакар и злато.

Стопанската комора додели и специјални признанија во две категории:

За компанија со најголем број учесници на едукативни настани во Стопанската комора на Македонија во 2019 година признание добија:

1. Алкалоид Скопје, општествено одговорна компанија, вклучена во голем број на хуманитарни проекти која несебично вложува во професионално усовршување на своите вработени.

2. Стопанска банка АД Скопје една од банките предводници во развојот и во спроведувањето на најсовремените финансиски производи и услуги за населението и за правните лица.

За компанија со континуирана долгогодишна активност и опстојување на македонскиот пазар признанија беа доделени на:

1. ОПИНЧАР КРСТЕ ЃОРГИ БЕЛЕВ Охрид, за историски и трајни вредности која од далечната 1946 година со своето постоење покажува дека успева да се справи со сите промени и движења во стопанството.

2. РЕТРО ЕЛЕКТРО Битола, чии почетоци датираат од електро–работилницата „Херц‟ нудејќи сервисни услуги, швајц-апарати, производство на полначи на акумулатори, електрични инсталации за потребите на индустријата и друго.

Во рамки на одбележувањето на годишнината беше претставена и соработката на Комората со Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во однос на прашањата за зајакнувањето на трансформациските потенцијали на македонската и на регионалната економија.

Во таа насока, раководителката на Одделот за Југоисточна Европа на ОЕЦД, Маржена Кисиелевска посочи дека денешниот настан претставува продолжение на Самитот во Познан како дел од Берлинскиот процес и неодамна објавената студија на ОЕЦД – „Глобална Југоисточна Европа: Ослободување на трансформативниот потенцијал за раст во Западен Балкан“, со цел да се отвори дискусија за остварувањето на продлабочена соработка и економска интеграција на државите од Западен Балкан, како и за зајакнување на индустрискиот и економскиот развој на земјите од овој Регион. Во рамките на регионалната програма на ОЕЦД за Југоисточна Европа континуирано се преземаат активности за следење на состојбите во економиите на земјите од регионот, обезбедување значајни студии и согледувања за развојот на политиките и давање на практични препораки за постигнување конкурентност и подобра бизнис клима. Меѓутоа, без оглед на тоа колку се силни владините заложби за реформи во економијата, предводник на реформите и предуслов тие да бидат успешни е приватниот сектор – нагласи Кисиелевска.

Поврзани новости