Детското одделение во болницата во Кавадарци се распаѓа, а Тодоров ветува научна фантастика

by fokus

 Жителите на Тиквешијата веќе два дена не можат да си придојдат од шок, откако министерот за здравство Никола Тодоров најави дека болницата во Кавадарци ќе стане мини ургентен центар во кој што министерството ќе инвестира медицинска опрема во вредност од околу 860.000 евра. За сите оние кои што имале можност да бидат сместени во болницата, оваа вест звучи како научна фантастика, со оглед  на тоа што во болницата нема основни услови за сместување на пациенти.

Детското одделние – траума за пациентите

Како едно од одделенијата на чија што сметка доаѓаа најголем број поплаки е детското одделение. Мајки со деца, кои поради болест биле принудени да останат таму по неколку дена, а некои дури и по околу две недели, велат дека не можат да си дојдат на себе од траумите што ги преживеале. Освен деца од Кавадарци, во болницата престојуваат и болни деца од Неготино, Демир Капија, Росоман и од околните села.

Со самиот влез на детското одделение, се добива чувство како да сте залутале во минатиот век. Стари и расклатени кревети, кои што понекогаш ги нема во доволен број, посебно во сезоните кога имаа зголемен број на вируси, па мајките се принудени ноќта да ја минат на столче, или пак повозрасни деца да спијат на мали детски креветчиња. Купатила кои што не функционираат, без туш, без топла вода, и покрај тоа што родителите се принудени да останат во болницата со денови и немаат основни услови за хигиена. Храна под секое ниво, посебно за болни деца со намален имунитет, а згора на тоа, следува само порција за детето, додека мајката треба да се снаоѓа самата, без оглед на тоа дали доаѓа од друг град и дали има кој да и купи оброк.

 Растителни замени на сирење и кашакавал и корка леб се речиси секојдневно на менито, било за појадок или за вечера. Доколку пациентите немале време да се подготват од дома, и во болницата со себе не понеле лажица, вилушка, нож и тањир, ќе мора да се снаоѓаат како знаат и умеат, евентуално од продавницата на приземје да си купат пластична чаша и во неа да им биде сервиран оброкот.

thumbnail_kavadarci-bolnica6

Во зима, е посебна приказна околу греењето. Речиси сите од дома си носат греалки и ќебиња, но и тие не помагаат многу, бидејќи прозорците и вратите се во крајно лоша состојба, а повеќето прозорци дури и не се затвораат, па пациентите импровизираат и се обидуваат да ги врзат со завој. Држачи за раката на деца додека примаат инфузија исто така се импровизираат, па наместо специјални за таа намена, на децата најчесто им се ставаат картони… Речиси сите кои што ја имале несреќата да завршат во кавадаречката болница, велат дека дома се вратиле со голем стрес, дури и поболни од пред да дојдат на лекување.

И вработените на детското одделение велат дека се свесни за лошата состојба, но ниту еден од нив не сака отворено да забори за проблемот во јавност, бидејќи се плашат за своите работни места.

Гледаме што се случува…..

Гледаме што се случува, се ни е јасно, но ништо не зависи од нас. Ние не можеме сами да реновираме. Ве молиме не објавувајте ништо, не сакаме да останеме без работа’’ , ни рекоа неколку од вработените таму, додека лично ја имавме можноста да се увериме во состојбата  што владее на детското одделение во Кавадарци.

Но и покрај тоа, Тодоров најави дека болницата ќе добие нова опрема која што би била од големо значење за граѓаните на Тиквешијата, за да не патуваат во Скопје. Планирано е да се донесе компјутерски томограф и друга опрема за дополнителни оддели кои што треба да се отворат наскоро.

 Ова беше втора посета на министерот во Кавадрци во изминатиот период. Пред извесно време, тој ги израдува кавадарчани со нов современ мамограф, и покрај тоа што во болницата нема ренгенолози, и доаѓаат двајца на замена од друг град, секој втор ден, да ги прочитаат резултатите.

 Не е познато дали при посетите на болницата, Тодоров имал можност да го види и детското одделение и да се запознае со условите во кои што престојуваат болните деца.

Вики Клинчарова

Поврзани новости