„Фудбалот е тимска работа. Поединец не може сам. Имам визија и трпение и верувам во добриот тим околу себе. Заедно ќе успееме“, порача Масар Омерагиќ, кој беше избран за нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија на Вонредно Собрание, откако неговиот претходник Мухамед Сејдини поднесе оставка со образложение дошол момент за промена во „Куќата на фудбалот“, која, случајно или не, дојде по промената на власта.
–Рак-рана години наназад беше корупцијата и врските како начин за успех каде што многу млади вистински таленти се демотивираа и откажуваа од фудбалот. Во многу од државите фудбалските работници го променија тоа, на ред сме ние. Нулта толеранција за корупција во фудбалот и вистинска шанса за секој квалитетен талент кој мотивирано ќе работи да се докаже и успее, а успехот на секое дете помогнат од нас, ќе биде успех на целата јавност и држава – рече Омерагиќ.
Инаку, ова не е прв обид на Омерагиќ да застане на чело на ФФМ. За потсетување, тој пројави вакви амбиции во 2012 година, кога водеше борба против контроверзниот Харалампие Хаџиристески. Меѓутоа, новиот претседател на Федерацијата тогаш на чуден начин се повлече од трката, по што прв човек на „Куќата на фудбалот“ стана Илчо Ѓорѓиоски, за кого своевремено пишувавме дека важи за пријател на тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
(АРХИВА) Како другарот на Груевски стана прв платен претседател на фудбалската федерација?
Повеќе од една деценија подоцна, Омерагиќ успеа да застане на чело на ФФМ, што се случува после политичките промени, односно откако власта ја презеде ВМРО-ДПМНЕ на премиерот Христијан Мицкоски. Тој важи за познато име во фудбалот, бидејќи станува збор за поранешен фудбалер и фудбалски работник, но, исто така, се работи и за успешен бизнисмен, кој е сопственик на транспортната фирма што стопанисува со скопската меѓуградска автобуска станица – „Руле Турс“. Но, се поврзува(л) со уште неколку компании, при што една од нив, како што пишуваше „Фокус“, преминала во сопственост на семејството на ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков.
(АРХИВА) Мијалкови станале газди на „Софија Градба“, преку која влегле во „Жито Полог“, „Пелагонија“ и „Здравје Радово“!
Како што е познато, Мијалков поднесе оставка од директорското место во УБК веднаш по кумановските настани во 2015 година, кога загинаа неколку припадници на МВР, а десетици беа повредени во судирот со терористичката група во Диво Насеље. Тогаш, Мијалков писмено го извести премиерот и воедно братучед Груевски дека функцијата ја извршувал одговорно и патриотски, со бројни успеси на полето во кое дејствувал, кои, според него, биле вистински мит во разговорите меѓу граѓаните. Сепак, и покрај „големите успеси“ за кои „народот говорел со гордост“, тој се повлече со цел, како што напиша во оставката, да помогне во надминување на политичката криза.
Само 4 месеци по повлекувањето на Мијалков од јавната служба, неговото семејство ја основа компанијата „Бест Веј Инвестмент“, чија основна дејност е советување во врска со работењето и останато управување. Првично, како основачи на компанијата се јавуваа двајцата синови на Сашо Мијалков – Јордан и Александар, кои ја формирале компанијата на 21 септември 2015 година со основачки влог од по 2.500 евра. Сепак, на почетокот на следниот месец помалиот син на Мијалков се повлекува и единствен сопственик останува Јордан. Управител на друштвото првично беше Илија Тозија, но тој одамна излезе од компанијата.
Притоа, првата значајна бизнис активност на „Бест Веј Инвестмент“ се случува на самиот почеток на 2017 година, во периодот меѓу изборите и изборот на нова влада, кога фирмата станува сопственик на нафтена компанија. Тоа е друштвото за трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива „ОМ Петрол Оил“, формирано во август 2016 година од страна на бизнисменот и нов претседател на ФФМ – Масар Омерагиќ. Веќе во јануари 2017 година, „ОМ Петрол Оил“ преминува во рацете на „Бест Веј Инвестмент“ на Мијалков, кој на почеток го задржува стариот управител Васил Донаков, назначен 2 месеци пред промената на сопствеништвото, односно на средината на септември 2016 година, кога тој доаѓа на местото на Снежана Јовановска.
Како што пишувавме тогаш, фактот што Донаков останува управител на „ОМ Петрол Оил“ и по промената на сопственикот е во најмала рака индикативен, бидејќи простата логика говори оти кога во некоја фирма има реална промена во сопствеништвото, новите газди назначуваат и нов менаџмент. Впрочем, оттука се наметнуваше дилема дали Омерагиќ бил реален газда на „ОМ Петрол Оил“ и до моментот на „продажбата“, или, пак, цело време бил фиктивен сопственик на компанијата, дотолку повеќе што неговото семејство веќе од 2008 година поседува и друга нафтена компанија – „РТ Транс Логистик“? Да биде уште посимптоматично, и капацитетите на оваа компанија преминаа во сопствеништво на „Бест Веј Инвестмент“!
Поточно, историјатот на промени на друштвото покажа дека „РТ Транс Логистик“ на почетокот на 2009 година регистрирала подружница за бензиска пумпа во Општина Кисела Вода, пред влезот во населбата Драчево. Потоа, на средината на 2010 година компанијата ја регистрира подружницата за првата бензиска крај селото Смоквица, Гевгелија, во непосредна близина на македонско-грчката граница, додека една година подоцна отвора уште една бензиска пумпа на истата локација, само од другата страна на автопатот. Во 2013 година, пак, фирмата отвора и склад за трговија со нафта на големо во скопското село Трубарево, а во 2015 отвора склад за нафта и во скопското село Р‘жаничино.
Сепак, во март 2017 година, Централниот регистар ги брише подружниците за складиштето за нафта во Р‘жаничино и трите бензиски пумпи од структурата на „РТ Транс Логистик“ и истовремено ги впишува во сопственост на „Бест Веј Инвестмент“. На тој начин, „РТ Транс Логистик“ на Омерагиќ се сведе на подружницата во Трубарево за трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива, додека „Бест Веј Инвестмент“ на Мијалков стекна складиште за нафта во Р‘жаничино, една бензиска пумпа во Скопје и две бензиски пумпи во Гевгелија, во чии рамки, патем речено, функционираат и ресторани. Во април 2017 година, пак, Мијалкови формираа и фирма за товарен патен транспорт, каде фигурираше туку лично Сашо Мијалков – „Поинт Оил Транспорт“.
Па, со преземањето на „ОМ Петрол Оил“, Мијалкови добија право и на 10-годишната лиценца за трговија со нафта, односно со Еуродизел, како и еден резервоар од 100 кубни метри. Потоа, со преземањето на капацитетите на „РТ Транс Логистик“, тие добија и инфраструктура за работа, кои вклучуваа 14 резервоари за нафта со вкупен капацитет од 1.400 кубни метри, една бензиска пумпа во Скопје и две на излезот кон Грција, на многу атрактивна локација, при што во нивните рамки има и угостителски објекти. И на крајот, отворија и своја компанија за транспорт, со што добија логистика за транспорт на нафтата.
Веднаш потоа, Мијалкови преку „Бест Веј Инвестмент“ влегоа во многу други компании и акционерски друштва, така што почнаа да делуваат во секторите земјоделство и производство на храна, игри на среќа, угостителство… Имено, тие станаа газди на компанијата „Софија Градба“, преку која влегоа во „ЗК Пелагонија“, „Жито Полог“ и „Здравје Радово“. Исто така, Мијалкови влегоа или пак се разоткрија како косопственици на „Мериот“, додека влегоа и во секторот за игри на среќа заедно со српската „Макс Бет“, со тоа што во меѓувреме излегоа од заедничкиот правен субјект.
(АРХИВА) Мијалкови станале косопственици на хотелот Мериот и на плац покрај Охридското езеро!
(АРХИВА) Мијалкови ќе отвараат казина и обложувалници заедно со српскиот „крал на коцката“
Влатко СТОЈАНОВСКИ