Вчера имаше протест, ама очигледно неуспешен, бидејќи членови кои се преставници од Советот на родители не соработуваат со родителите од своите одделенија.
Денес нема да има протест, ама нашите децата се видно разочарани бидејќи не се слушна нивниот глас-за ,,Фокус” раскажуваат група на родители чии деца се ученици во Основното општинско училиште Страшо Пинџур во Неготино, откако од оваа учебна година се започна со ротирање на смените, што значи дека ученици од околните села, кои со децении наназад посетувале настава само во прва смена, сега месечно ќе ротираат, односно еден месец ќе учат во прва, а еден месец во втора смена.
Како што појаснија уште вчера вознемирените родители, нивите реакции доаѓаат поради тоа што учениците од шесто до деветто одделение, по завршување на часовите мора да стојат надвор пред училиштето и да чекаат превоз, а дома ќе се враќаат во мрак, во околу 20 часот.
Велат дека тоа е неприфатливо, поради што доставиле и петиција до директорот на училиштето, и не го кријат своето разочарување.
Најавија дека нема да отстапат од своето барање, и ќе одржат состанок на кој ќе се донесат заклучоци за следните чекори.
-Не само родителите, туку и децата се крајно разочарани, сфатија дека системот кај нас не функционира! Се уште не ни е јасно кој го одобри ова, бидејќи ниту децата, ниту родителите беа слушнати, а директорот Сашо Ѓорѓиев едно ни кажа кај него во канцеларија (дека ни дава целосна поддршка во секоја одлука и дека ќе стои од наша страна, му кажавме дека може да се договориме, во спротивно дека ќе се организира протест на децата со поддршка од родителите), а друго изјави вчера за вашиот медиум (дека ротирањето останува, а ќе се обезбеди топла училница каде учениците ќе можат да го чекаат превозот).
Ќе бараме родителска средба со директорот, да даде објаснување како оваа одлука помина законски со прескокнување на сите протоколи.
Несфатливо е како може да се промени нешто кое функционирало со децении, излезе дека поважни се интересите на наставниците кои претпочитаат да работат во прва смена, отколку интересите на учениците- велат родителите.
Појаснуваат дека во врска со ротирањето биле анкетирани само учениците од второ до петто одделение кои живеат во Неготино, но не и оние од шесто до деветто одделение, од кои голем број се од околните села и мора да патуваат.
Велат дека со овие промени, односно со воведување на втора смена им се пореметува целодневниот распоред на други активности, како на пример разни образовни курсеви кои ги посетувале децата, но и спортски активности во клубови во кои учествувале.
-Не сакаме нашите деца да излезат од дома на пладне, а да се враќаат по седум – осум часа, и да патуваат во мрак. Јасно ни е дека на наставниците кои со години наназад работеле само во втора смена, многу повеќе им одговара да бидат во прва смена, да завршат со работа во 12 часот и да си заминат дома, но овде мора да се мисли првенствено на учениците од страна, кои не по своја вина мора да чекаат превоз и да патуваат. По одржување на средбите, ќе ги известиме медиумите за заклучоците, не може без да бидеме темелно ислушани, да бидеме ставени пред свршен чин – велат родителите.
Вики Клинчарова