Децата на возраст од 3 до 14 години се најмногу на удар на епидемијата од заразна жолтица, а досега се заболени 23, информираат здравствените власти. Регистрирани случаи на заболени деца има по еден случај во градинки во Центар и Чаир. Според нив состојбата не е алармантна, но како што тврдат, пред почетокот на учебната година направена е дезинфекција на училиштата.
– Можна е појава на ова заболување поради интензивните дождови, поради собирање на атмосферската вода. Но, морам да нагласам дека ова не основна причина за појава на ова заразно заболување, туку и недоволното одржување на лична хигиена. Преземени се сите комплетно санитарно – хигиенски против епидемиски мерки. Се направи скрининг на урина на децата присутни во градинката. Извршена е дезинфекција од нашата служба, така да и вработените и родителите се запознаени со тоа. Немаме појава на нови случаи. Олеснителна околност во моментот е тоа што е летен распуст и училиштата не работат – тврди епидемиологот Билјана Даниловска од скопскиот Центар за јавно здравје.