Модната ревија на децата со попреченост „Убави сме, свои сме” која две години по ред се одржува во Струмица, вчера за прв пат се одржа и во Радовиш.
Настанот на кој децата чекорат на модната писта заедно со познати лица од јавниот живот го привлече вниманието на радовишани, кои ја испратија пораката дека нема место за предрасуди во нашето општество и им пружија рака на лицата со попреченост.
На модната ревија присуствуваа гости од целата земја, а околу дваесет деца прошетаа по модната писта заедно со свои придружници. Градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, исто така им ја даде својата поддршка и присуствуваше на настанот.
„Убави сме, свои сме” е во организација на Здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром „Вера” од Струмица. Од таму порачаа дека не постојат различности, туку само различни потреби и се заблагодарија на сите учесници и поддржувачи, кои помагаат во будењето на свеста на општеството.
Вики Клинчарова