Деца на олтарот на моралната мизерија

by lali

Влегувам со ќерка ми во тоалет да си ги измиеме рацете. Таму, две девојчиња на околу петгодишна возраст си ги мијат рачињата и брборат. Ќерка ми и јас, исто така. Среде тоа брборење, се издвои прашањето на едно од девојчињата. „Од кај го знаеш тоа?“ – праша тоа.

„Како не знаеш? Тоа се принципите на ВМРО!“ – одговори другото девојче додека си ги бришеше рацете. „Како?“ – праша девојчето, а и јас во мислите го поставив истото прашање.

„Тоа – се – принципите – на – В – М – Р – О!“ – повтори девојчето делејќи ја својата реченица нагласувајќи го секој збор и буква поодделно. Ме полазија морници. Овој дијалог меѓу деца, толку мали, што веројатно не почнале ни да читаат и пишуваат, ме растажи и растревожи истовремено.

Оваа земја е во војна, си реков. Војна со самата себеси. Само кога е војна, децата на толку мала возраст не можат да бидат поштедени од политиката. Па, дури и тогаш одговорните родители се обидуваат, колку што можат, да им обезбедат што е можно повеќе детство, а што е можно помалку секојдневие за возрасни.

„СТРУКТУРАТА“ 

Пред неколку години, кога мојот пријател и колега, кореспондент на една западна земја од Москва, беше во посета на Скопје, својот прв впечаток го опиша со зборовите: „Оваа земја изгледа како да е во војна или под диктатура. Тоа ми стана очигледно уште на прв поглед, од моментот кога слетав на аеродром и ме следи постојано веќе неколку дена.“ Овој впечаток во изминатите години го имаа уште десетици мои гости од различни страни на светот. Меѓу нив се новинари, уметници, продуценти, писатели и активисти на граѓанското општество. Повеќето од нив не се познаваат меѓу себе.

Како што напиша и анонимниот автор на графити кај бившо пасошко: „Љубчо ни стави крст, Грујо ни дигна споменик“. Точно.

Во 2002 година напишав дека властите ја претвораат оваа земја во гробница, мислејќи на подигањето на крстови на секоја ридинка, почнувајќи од оној на Водно. Не можев ни да сонувам дека една деценија подоцна мојата земја ќе ја претворат во вистинска гробница, мавзолеј кој може да си го смисли само пореметен и инфантилен ум. Крстови и минариња, цркви и џамии, јарболи… Стотици гротескни парчиња мермер и бронза кои повикуваат на омраза… На секој чекор – агресија и некрофилија, ред етномакедонска, ред етноалбанска. И книги на училишните клупи преполни со глупости, лаги и омраза.

И не е само чувството за убавина на урбаното живеење кое е неповратно изгазено, не е само понижувањето и беззаконието со кое се изгради сево ова околу нас, не е само планината од пари кои ќе ги враќаат следните генерации. Децата се во прашање. Тие не се само случајно вовлечени во вулгарниот свет на возрасните и политиката. Тука не се говори за осамени жртви во одделни случаи на неодговорни или неуки родители или наставници-никаквеци. Злоупотребата на децата е неуморна активност на цели институции и политички центри на моќ. „Структурата“ создаде наставници-никаквеци како критериум, како алатка за спроведување на осакатувачка политика во образованието и воспитувањето на децата.

ЗА ГРСТ ВАЛКАНИ МИЛИОНИ И МАНДАТЧИЊА

Токму родителите и наставниците се тие што послушно ги свиткаа своите ’рбети и ги принесоа своите деца на олтарот на моралната мизерија на партиите. Не се воздржуваа да ги искористат на секакви начини. Ги облекуваа со партиски маички, им ставаа партиски знамиња во рацете, ги влечкаа по своите митинзи на кои од сцената лееја глупости, лаги и омраза. Отров – со еден збор. Децата ги облекоа во црни одори и им тутнаа крстови во рацете за Велигден, им вапсаа јајца со бројот на кандидатот на нивната партија. Со други деца ги полнат џамиите.

Прочитав илјадници извештаи од набљудувач(к)ите на Цивил за грубите повреди на изборниот процес, но најтешко ми паднаа оние во кои жртви се децата. Како да се вреќи со компири, а не иднината на оваа земја, како да не се нешто што е најмило во секое семејство. Како нивните души да се кујнска плотна што може да се избрише со крпа за да биде чиста. Така се однесува оваа земја кон своите деца, а нивните родители ги претвори во соучесници. Наставниците ги претвори во партиска полиција која се грижи да ги препарира децата во уште попослушна генерација на партиски војници и гласачи. Во корен ги сосекоа невиноста и радоста.

Ако ви кажам дека во еден извештај од изборното набљудување прочитав дека две мали деца се скарале на плоштадот во Куманово околу тоа кој претседателски кандидат е подобар, можеби ќе се насмеете. Не е смешно. Тие деца нема зошто да се караат околу ова прашање, но тоа им се случува затоа што тие се намерно втурнати во отровната смеса на политиката со мирис и вкус на авторитарно општество. Ако ви кажам дека во еден извештај прочитав дека малолетници гласале, тогаш веројатно веќе нема да се смеете, со право, бидејќи тоа е веќе сосема очигледна злоупотреба. За мене речиси и нема разлика во смила на моралот кој е во стрмоглав пад.

Што уште прават од децата додека се во градинка или на училиште? Ги претвораат во пиони, доушници и кодоши на сопствените родители? Во средство за уцена на нивните родители? Што уште треба да поднесат мајките и татковците во оваа земја, за да биде задоволна „Структурата“? Знаат ли дека секоја од овие постапки на „Структурата“ остава неизбришливи траги на детската душа? И зошто сето тоа? За грст валкани милиони и мандатчиња. А родителите – немо набљудуваат!

Слободарска веб-страница на неделата

Мојот пријател и колега Филип Стојановски ми предложи да отворам рубрика во која ќе посочам некоја веб-страница, која, според мене, таа недела дала посебен придонес кон слободата на изразување. Мислам дека тоа е одлична идеја, а од ова се гледа дека и Редакцијата „Фокус“ се согласи.

Слободарска веб-страница на неделата: mediumi.vistinomer.mk

– поради одличните анализи и разобличување на медиумските содржини кои се манипулативни или промовираат говор на омраза, како и поради бравурозните анализи што ги објавуваат. Особено внимание ми привлекоа минатонеделните „Белешки за популизмот“ од Сашо Орданоски.

Поврзани новости