Прекрасна е колата, со тешко срце ја продаваме, еве и децата плачат и не сакаат да се откажеме од неа, но мораме да го сториме тоа, бидејќи немаме доволно средства за да ја одржуваме, вака во телефонски разговор за ,,Фокус’’, вели Стевче Николовски, татко на десетгодишниот Давид од Прилеп, кој ја доби главната награда од наградната игра ,,Стобиранка’’ на прехрамбената индустрија ,,Витаминка’’, автомобил тојота Ц-ХР хибрид, единствен во земјава.
Семејството кое што пред неколку недели гордо се фотографираше покрај добиениот автомобил, веќе го огласил на интернет страниците за продажба на возила.
,,Живееме во мала куќа во Прилеп, навистина ни е потребно повеќе простор, затоа освен што го нудиме на продажба автомобилот, можна е и замена за стан или помала куќа. Јас работам со ПВЦ, изработувам прозорци и врати, сопругата продава овошје и зеленчук на пазар, навистина не сме во можност да заштедиме за нов дом. Давид, чија што среќа беше овој автомобил, не може да се помири, не престана да плаче откако му кажавме дека мора да ја продадаеме тојотата, но имавме сериозен разговор со него. Се надеваме дека со тек на време ќе сфати дека сме биле во право“, вели таткото на Давид.
„Инаку, автомобилот е без мана, но искрено, потребни се средства за негово одржување и мораме да се откажеме од него’’, вели Стевче.
Цената која што е истакната на огласот за продажба е 26.500 евра, но тие велат дека има простор за договор и не е фиксна.
Наградната игра ,,Стобиранка’’ почна на 20 септември и траеше до 25 декември. За учество беше потребно да се соберат пет празни ќесички од производите Стоби флипс, Чоко стоби флипс, или Стоби стикс на ,,Витаминка’’ и да се испратат во плик. Имаше три извлекувања, и се доделија голем број вредни награди, а тојотата која ја освои Давид беше најавувана како главна награда во играта. Тој испратил осум коверти со празни ќесички од производите.