Земен е Петар од некого, на тоа се сомневаме, како инаку да не може да се најде цели три месеци? Нам никој ништо не ни кажува, на почеток кога исчезна не испрашуваа, сега веќе никој не не бара – во телефонски разговор за ,,Фокус” разочарано раскажува Стојо Џобески, татко на 11-годишниот Петар кој исчезна на 25-ти февруари во село Врпско, Прилеп.
Во потрагата по момчето која се одвиваше во лоши зимски услови беа вклучени голем број на екипи. Сепак, Петар не беше пронајден, а неговото семејство продолжува да живее во агонија.
Неговата мајка Соња не престанува да плаче штом се спомне името на синот од кого нема трага.
-Нека зборува мојот сопруг, јас сите солзи ги исплакав, си го сакам моето дете. Немам повеќе сили, поминаа три месеци, не знаеме што да правиме, што да мислиме – вели таа.
Стојо пак, раскажува дека од ловџии дознал дека неодамна надлежните служби повторно го пребарувале теренот околу Врпско. Имало повеќе луѓе со возила, но лично него никој ништо не го известил.
-Ловџии ми кажаа дека се трагало по Петар пред некое време. Ние сами, каде да го бараме? Дента кога го снема, првин помислив дека залутал по патот, го баравме, потоа гледав по некоја споредна патека да не тргнал, но каде и колку далеку би можело да отиде едно дете?
Постојано размислувам за сето она кое се случи. Неколку дена пред да исчезне Петар забележав траги од автомобилски гуми. Не знам дали тоа има некаква поврзаност, дали некој таму доаѓал, но се повеќе мислам дека детето ми е земено од некого.
Минатиот месец се сретнав со екипа која го бараше, ги прашав што има, дали имаат некој траг, ми одговорија дека си ја работат нивната работа. Претпоставувам, во интерес на истрагата не сакаат да зборуваат и откриваат многу- вели таткото.
Појаснува дека уште на почеток, кога момчето исчезна, лица вклучени во истрагата му кажале дека фотографијата на Петар ќе биде испратена и во странство, дека насекаде ќе се трага по него.
-Не знаеме веќе што да мислиме. Времето си минува, дали и надвор од земјава се трага по нашето дете? Немаме одговори, само чекаме… Петар е дете со попреченост, не верувам дека сам далеку би заминал. Не знам дали насекаде се изврши претрес, во секоја штала, двор, куќа во околината… Што ни преостанува, освен да чекаме – вели тој.
Фотографијата на Петар е објавена на официјалната страница на МВР за исчезнати лица, а во описот за него е наведено дека е висок околу 140 см, тежок околу 35 килограми, со плава коса и црни очи.
Во времето кога исчезнал, мајка му изјави дека носел светла блуза, темни тренерки, розови чизми и жолт елек.
Вики Клинчарова