Повеќе од два месеци не се знае судбината на сметководителката Виолета од Скопје

by fokus

Сметководителката Виолета Крстевска Јаневска (60), скромна и семејна жена вработена на Факултетот за безбедност, повеќе од два месеци е исчезната.

Последен пат била забележана на 22-ри март, откако кажала дека ќе оди во оптика да си ги подигне наочарите. Според информација од нејзината ќерка Анѓела, од оптиката и кажале дека Виолета ги подигнала наочарите, по што и се губи траг.
Два часа не одговарала на повиците на ќерката, а потоа телефонот и се исклучил.

Набргу по исчезнувањето, ќерката на Виолета за ,,Фокус” раскажа дека бара волонтери кои би помогнале во потрагата. Случајот бил пријавен во полиција, а она кое се знае за сметководителката е дека била одговорна жена, посветена на семејството, и никогаш во минатото не се случило да замине некаде без да ги извести блиските.

Виолета од Кисела Вода е една од десетиците чија фотографија е објавена на страницата на МВР, во делот за исчезнати лица.
Висока 166 см, тешка 52 килограми, црвена коса малку побелена, зелени очи, израсток на десната страна до устата, е описот за жената чија судбина останува непозната и по повеќе од два месеци.

Нејзината ќерка Анѓела во неколку наврати за ,,Фокус” појаснуваше дека мајка и немала здравствени проблеми и целото семејство било вознемирено.

Денес изјави дека нема никаков напредок во истрагата.
-Од нашиот последен контакт, нема ништо ново. Не знам дали ја бараат од полицијата, бидејќи со мене не комуницираат – откри таа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости