Детали за одлуката на Стразбур: Секој случај прво требало да помине низ Апелација и Врховен, па дури потоа да оди во Стразбур

by fokus

Судот за човекови права во Стразбур денеска ја објави одлуката по поднесените апликации на екс функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, со кои бараа да им се уважи аболицијата која им ја даде екс претседателот Ѓорге Иванов, а во што гледаа спас од предметите на СЈО.

Судот во Стразбур одлучи дека жалбите на поранешните високи политичари и функционери се недопуштени.

„Во својата одлука во предметот Талески и другите против Северна Македонија (молби бр. 77796/17, 80003/17, 81848/17, 81862/17, 11583/18 и 30884/18) Европскиот суд за човекови права едногласно ја прогласи жалбата за недопуштена. Одлуката е конечна“, се наведува во одлуката на Судот.

Од таму појаснуваат дека апликантите се поранешни функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ, на кои им се суди за кривични дела кои произлегле од нелегално прислушувани разговори.

„Судот одлучи дека апликантите не ги исцрпиле домашните правни лекови. Заклучи дека на жалбите според член 6 (право на правично судење) беа преуранети, наведува Судот, потенцирајќи дека кривичните постапки се уште течат пред домашните судови.

Ова според судот значи дека сите предмети по првостепените пресуди, требало да го поминат и филтерот на Апелација и Врховниот суд, па дури потоа да одат пред судот во Стразбур.

„Судот затоа пресуди дека националниот судски систем, кој може директно да ја примени Конвенцијата, треба да добие шанса да одговори на жалбите по предметите и да ги исправи сите прекршувања на Конвенцијата што ќе ги утврди. Севкупно, Судот затоа одлучи дека жалбите според член 5 и член 6 се недопуштени поради неисцрпување на домашните правни лекови, се наведува во пресудата.

Во пресудата се појаснува дека во 2015 година во Македонија се докажало тајно снимање на телефонски разговори, кои ги кршеле човековите права. Потоа, датотеки кои произлегуваат од овие снимки биле дадени на обвинителите.

-Како резултат на тоа, апликантите станале осомничени во разни кривични дела, вклучително и изборни прекршоци. На 12 април 2016 година, претседателот на Северна Македонија издаде поединечно помилување со кое ослободи 56 лица, вклучувајќи ги и жалителите, од кривично гонење во врска со овие конкретни наводни дела.
Се појавија масовни улични протести – познати како Шарена револуција (Шарена револуција). Потоа со законски измени претседателот ги поништи помилувањата. Како резултат на тоа започнаа или продолжија судењата против апликантите за наводните прекршоци. Основниот суд потврди дека помилувањата веќе немаат правно дејство и затоа обвиненијата против апликантите биле легални, се наведува во решението на Стразбур.

Валентина Вурмо

Поврзани новости