Детали за ерменската афера-Димитријевиќ си го организирал бегството, но завршил во притвор во Хрватска?

by fokus

Градежниот инженер Бранислав Димитријевиќ кој има централно место во македонско – ермeнскиот скандал во којшто се вмешани македонски дипломати внимателно го испланирал своето извлекување од Ерменија, си обезбедил туѓ пасош за излез, а како алиби за посетата на дипломатите искористил Невладина организација за работа со аутистични деца. Ова го обелоденува професорката на Факултетот за безбедност, Фросина Ременски  повикувајќи се на информации на меѓународна, академска, истражувачка мрежа.

Меѓународната потерница за дипломатот Миле Миленкоски кој откако беше вмешан во скандалот со извлекување на осомничениот македонски државјанин, Димитријевиќ од Ерменија, заврши во притвор во Врање, е распишана на 25 февруари 2020 година, но претходно во притвор во Хрватска завршил и Димитријевиќ. Тоа значи дека македонските институции не постапиле по распишани две потерници.

Фросина Ременски-Професор на Факултетот за безбедност

Тој како што пишува Ременски, е обвинет за злоупотреби во развојот и имплементацијата на Инвестициската програма „Патниот коридор Север-Југ“ како директор на работна група во францускиот проект за зaeдничко вложување „Safege S.A & Espisa“, кој вршел надзор и одржувале технички и градежен надзор над Инвестициската програма. Димитријевиќ имал превентивна мерка забрана за напуштање на Ереван.

Бранислав Димитријевиќ е роден во Скопје и долги години работел на „наследен бизнис со надзор на изградба на патишта“ од неговиот татко Моша Димитријевиќ – главен надзорник на скоро сите патни правци во изградба во РСМ и Коридорот 8 до 1998 година, благодарение на сите претходни YU-KOS бизниси и релациите со магнатот “Гранит” кој градеше низ цел свет. Бранислав Димитријевиќ преку фирма од татко му станува референтен за работа дома и во странство, пишува Ременски.

 

За извлекувањето, на Димитријевиќ му помогнал Филип Спирев, внук за Зоран Спирев кој му го дал пасошот на Димитријевиќ и негова поранешна вработена, Ерменка која имала НВО за работа со аутистични деца во Ерменија.

НВО ЗА АУТИСТИЧНИ ДЕЦА- АЛИБИ ЗА ПАТ ВО ЕРЕВАН

Филип Спирев познат како „дете од Автокоманда од екипата на Нинџа“ во ерменското обвинителство и во истрагата се води како државјанин на Република Бугарија. Тоа упатува на фактот дека, тој поседува две патни исправи. Филип во Скопје го убедил неговиот чичко Зоран Спирев за награда од 2000 евра да отпатува за Ереван и да го отстапи својот пасош на Бранислав Димитријевиќ, а кога тој ќе излезе со неговиот пасош, дека Филип лично ќе дојде во Ереван и ќе му го донесе за да може да се врати во Скопје. Му дал 1000 евра и му купил повратен авионски билет Скопје-Виена-Ереван, тврди Ременски.

Зоран Спирев се качил на авион на 29 септември 2019 година и стигнал во Ереван, каде на аеродромот го пречекал шурата на Димитријевиќ. Следниот ден, Зоран Спирев му го предал својот пасош на шурата на Димитријевиќ, а копија од неговиот пасош била искористена за резервација за летот на Бранислав Димитријевиќ, алијас Зоран Спирев од Ереван за Скопје на 1 октoмври 2019 година. На овој ден во Ереван со приватен авион пристигнале тројцата дипломати, Миле Миленковски, Владимир Сарафов и Стево Симски, а како алиби за нивното пристигнување им организирал состанок за аустистични деца.

Миле Миленкоски-дипломат вмешан во ерменскиот скандал

На денот на Самитот на Евроазиската Економска Унија 01.10.2019 година, Gayane Tunyan (поранешна вработена на Димитријевиќ)во 14.00 часот во „Dalama Garrden Mall“ на македонските дипломати им организирала средба со Младинска организација за застапување на правата на лицата со аутизам со кои „соработувале“ еден час. За да може да ги закаже состаноците и да се реализира средбата, таа уште на 25.09.2019 година испратила порака на e-mail: vladimir.sarafov@mfa.gov.mk, а подоцна и на mmilenkoski@yahoo.com, на што веднаш добила одговор дека Стево Симски и Владимир Сарафов ќе учествуваат на состанокот, објавува Ременски.

После состанокот тројцата дипломати се нашле со Димитријевиќ и неговиот шура во кафеана, а потоа сите заедно заминале на резервираниот лет од компанијата RUSAERO, за приватен авион/лет на Air Pink, кој од Скопје за Ереван полетал истиот ден со тројцата дипломати околу 07.00 часот.

СПИРЕВ ОСТАНАЛ ЗАГЛАВЕН ВО ЕРЕВАН

Бранислав Димитријевиќ со дипломатите ја искористил гужвата на граничната полиција и инспекторот на граничната полиција на Ерменија Gevorg Gevorgyan, без валиден документ ги поминал сите контролни пунктови за ВИП – лица на меѓународниот аеродром во Ерменија и во 19:14 ја поминал границата на Ерменија во придружба на Миленкоски, Сарафов и Симски со трочлен српски екипаж во летот за Скопје. Додека Миленкоски, Сарафов и Симски (очигледно) за дебела награда го извлекле обвинетиот Димитријевиќ од Ереван со приватниот руско-српски лет, платен од Н.Н (?) лице, Зоран Спирев останал во Ереван, открива Ременски.

Внукот Филип преку Бугарија допатувал во Ереван да му го врати пасошот за да си дојде во Скопје. Зоран на 9 октомври тргнал за Скопје со повратниот лет од Ереван преку Виена, но заглавил со ерменската гранична полиција, која регистрирала дека Зоран Спирев има излез од Ерменија на 01 октомври, а во меѓувреме нема влез, за да може повторно да направи излез.

Така Зоран завршува во полициска станица во Ереван, а ерменските власти почнуваат потрага по гостите од Република Северна Македонија. Овој случај е врв во рангот на транснационален организиран криминал, дотолку повеќе што злоупотребен е дипломатскиот статус на лица кои учествувале во него, пишува Ременски.

Пратеникот и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски пак објави документ од Амбасадата на Македонија во Загреб испратен до Министерството за внатрешни работи во којшто пишува дека Димитријевиќ уште пред Миленкоски завршил во екстрадиционен притвор, но во Осиек, Хрватска.

Документ од Амбасадата на Република Северна Македонија во Загреб

МНР Османи и МВР Спасовски не ја говорат вистината кога тврдат дека за “Ерменската афера” прв пат слушнале во август оваа година, кога Србија извести дека го уапсила дипломатот Миле Миленкоски, кој со логистика од Македонија шверцувал обвинети од Ереван до Виена. Документот од април оваа година од Загреб, кој известува за екстрадициониот притвор на македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ во Осиек, баран преку Интерпол, е само уште еден доказ дека раководството на МВР, АНБ и МВР, за “ерменската афера” дознало многу порано, но молчеле. Инаку Бранислав Димитријевиќ бил еден од најблиските соработници во проектите на Левон Саркисјан, братот на поранешниот претседател на Ерменија, без кого не поминувал ниеден поголем тендер, и кој исто така е во бегство. Во меѓувреме во МНР удираат по самарот (ветинг на двајца вработени од понизок ранг), додека триото “шверцери на луѓе од Ерменија” се уште ужива заштита на некои високи државни функционери, објавува Милошоски.

„Фокус“ во последниот број пишуваше за дипломатско-шпионскиот скандал, за одговорноста на институциите и за сите отворени прашања за овој случај. Ерменија бара негова екстрадиција, а македонските власти молчат за скандалот.

Фросина Факова-Серафиновиќ

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости