Одлуката за одложување на прогресивното оданочување не е популистичка, туку базира на анализи направени во Министерството за финансии. Нема ништо спорно ако воведете некаква мерка, а потоа увидите каков ефект има и решите да ја смените, рече директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски во вечерашното гостување на „Топ тема“.
Според Деспотовски, легитимен е ставот на поранешниот министер Драган Тевдовски искажан на неговиот фејсбук профил, зашто проектот го чувствува како свој.
-Интересот на граѓаните не може да се смета за популистички. Она што е денеска презентирано како пролонгирање на рокот базира на анализи направени во Министерството за финансии. Левичарската политика во случајов апсолутно не е доведена во прашање. Не сум сигурен дека државава и нашиот животен стандард може да дозволат да левичариме многу. Одговорен политичар ќе каже дали има ефект или не од некоја мерка. Во делот на собирањето на средствата се работело како што треба, но промената е во делот на трошењето, истакна директорот.
Според него, Владата е пријателски настроена кон домашната економија, а не е пробизнис ориентирана.