ДЕСНИОТ БЛОК

by Fokus

Пишува: Д-р Љупчо Ристовски
Претседател на ИНТЕГРА
Институт за доблесна и вредносна политика

Прашањето за обединување на умерената десница и десниот центар е прашање од високо значење за иднината на Македонија. Прашање чиј одговор содржи доволно потенцијал за обединување на овој значаен сегмент од нацијата во процесот за конечно етаблирање на нова вредносна визија која ќе значи реконструкција од темел и ре-поставување на нови “армирано-бетонски“ темели на демократскиот систем. Одговорот на ова прашање ќе ја покаже на дело силата на нацијата за рушење или не на досегашниот двопартиски бастион во власта. Бастион кој во изминативе 25 години на независност и самостојност и́ донесе на Македонија повеќе зло отколку добро, ни донесе на сите нам сиромаштија наместо богатство, срам наместо гордост, измама наместо вистина.

И после толку изгубени битки, и после толку разочарувања и́ од едните и́ од другите, некој и денес се обидува да ни ја постави одново истата равенка – демек нацијата и нема поинаков избор од тој да се определи помеѓу двете вештачки наметнато доминантни политички партии. А освен пораз до пораз, друго и ништо досега не добивме. Ниту пак некој од нив успеа да влее надеж дека сепак има мудрост во нас да го изнедриме најдоброто од нацијата, за конечно Македонија да ја престроиме на сосема нов колосек, на патот на прогресот и просперитетот каков што посакува секој еден од нас.

Јас сум убеден дека мојот народ има и́ знаење како,и́ мудрост, нои́доволно сила да го изнедри најдоброто од себеси. Јас сум убеден дека живееме во историски животно важен период и неслучајно сме доведени до ситуација на носење на нови историски одлуки.

Емпиријата ни говори дека во изминативе 25 години бевме соочени со бројни предизвици. И тие не се проблем. Секој народ, во различни периоди од својата историја се соочува со најразлични предизвици. Проблемот е како ние како нација одговараме на предизвиците, како реагираме на сите критични точки од нашиот развој како нација и држава.

И додека другите нации и народи чекорат забрзано напред, грабат во прогрес и просперитет, билдајќи го бруто домашниот производ во десетици милијарди, ние едвај успеваме, со ваквиот просечен и млитав модел на развој, да дојдеме со маки до нецели 10 милијарди БДП. Животниот стандард е на мизерно ниво. Нашиот народ едвај преживува половина месец, а за остатокот и да не говориме. И некој ќе рече – одиме напред? Во што одиме напред? Друг може да рече – ќе биде подобро, следат избори, нови визии, концепти? Дали…?

СДСМ е далеку од внатрепартиски промени и устројство кое може евентуално да влее надеж за нацијата. Јас досега не видов ниту нов и поразличен концепт за владеење, ниту видов нова визија за иднината на нацијата, ниту пак нови ликови, неизвалкани, некриминогени, чесни и чисти, посветени борци за правда и правичност, за поквалитетен живот на сите нас. Не, драги мои, морам да ги разочарам сите оние заблудени умови кои се надеваат и очекуваат дека СДСМ ќе понуди нешто ново и поразлично, и дека од таа млитава позиција ќе успее да понуди концепт за обединување во широк фронт против власта. Против власта – да, но за што? За која визија, за која понудена иднина на нацијата, за кој нов модел на владеење, за кои нови политички концепти? Не, драги мои, не се залажувајте, во СДСМ нема ниту визија, ниту иднина, ниту пак сила да ја обедини и поведе нацијата во прогрес и просперитет. Најмалку е политички концепт, да понудите фронт против власта. Да се биде против и не е нешто посебно. Денес, и секој еден е против другиот до него, ако овој е малку подобар од него. Да се биде против некого или нешто е мајсторство на нашиот народ. Да, ама не е и концепт кој носи победа на избори, ниту надеж и иднина на нацијата.

Потребен ни е нов концепт – концепт ЗА. Потребен ни е нов вредносен модел на владеење, модел кој ќе етаблира нови морално – доблесни односи во политичкиот поредок, модел кој ќе изнедри на јавната сцена нови морално – доблесни политичари, кои нема да мислат само на себеси и своето, кои нема да се во власта само за да си обезбедат иднина за себе и за своите најблиски, потребни ни се луѓе од посебен ков кои се подготвени да се жртвуваат себеси за добробит на другиот до него и за добробит на нацијата во целина. Некој можеби ќе забележи дека ова е идеализам, дека ова е неостварливо и дека политиката е сепак сирова борба за повеќе моќ, влијание и интереси да се приграбат за себеси или за определена група. Не, драги мои, тоа не е политика. Политиката е сепак по дифолт доблесна професија, со која можат и мора да се занимаваат само доблесни и морално цврсти индивидуи, посветени кон доброто на другиот, а не само за себеси и своите најблиски. Политиката е и мора да постане вредност. Интегритетот мора да зацари на политичката сцена, ако не сакаме и понатаму да тонеме се подлабоко кон дното.

Досегашната власт олицетворена во дивеењето на ВМРО-ДПМНЕ, го урниса политичкиот систем, ги урниса темелите на владеењето на правото и поделбата на власта како негов основен елемент и не доведе до најдолните граници на т.н. хибриден режим. На ова дно Македонија не била ниту на самиот почеток од својата независност, тазе излезена од комунистичко – социјалистичките канџи. Дали пак ова е концепт на кој Македонија треба да продолжи и понатаму? Дали е ова иднината за мојот народ? Дали од ова не можеме и не умееме подобро? Дали ваков концепт на дивеење од позиции на власт буди надеж?

И сега што? Да оставиме течението на реката да си прави свое корито и да беснее до степен да не загрози сите или ќе се освестиме и ќе почнеме да размислуваме од поинаква перспектива?

Актуелниот момент говори дека СДСМ се подготвува за тематски конгрес на кој, според нивни анализи, ќе одлучат дали или не, да влезат во процес на оформување на т.н. широк фронт против власта. И со кои политички сили и субјекти ќе го водат фронтот?

И сега целиот десен блок е во исчекување на одлуката на СДСМ. Но, дали е тоа разумно и дали има мудрост во таквиот модел на позиционирање пред избори?

Една обична политичка анализа ќе ни открие која е позадината на ваквиот модел на позиционирање.

Имено, ако погледнеме од перспектива на СДСМ таквиот модел би им донел неприкосновено лидерство ним како главна опозициска партија и на нејзиниот лидер. Оттука тие, од нивен аспект оправдано калкулираат во насока да го држат во неизвесност десниот блок, да му одземат драгоцено време за негово засебно позиционирање на политичката сцена пред изборите, за да на таков начин го разедини, ослаби и обессили и онака не доволно компактниот десен блок. Е сега прашање плус: Во чиј интерес е ваквиот модел? Замислете, тие правеле анализи, и зависно од резултатите кои ќе ги добиеле повратно од терен, тие ќе понуделе на одделни политички субјекти кои профилираат кон умерената десница и десниот центар,изборна соработка околу која деталите дополнително би ги усогласиле.

Ајде да развиеме сценарио, што ова би значело. Еве на пример, дел политички субјекти добиваат понуда за изборна коалиција од СДСМ, се договара учество на изборните листи за дел од актерите, за да на денот на избори, според првичните очекувања на лидерот на СДСМ, делот од десниот блок кој би коалицирал со нив, им донесе само половина гласови од можните, кои тие ги добиле како сондажа од анкетите. Зошто на СДСМ би му користело да добие половина од очекуваното, а притоа да се изгуби втората половина од гласовите или евентуално да се прелее или врати назад во ВМРО-ДПМНЕ? За мене ова нема друга логика освен таа според која СДСМ се плаши од етаблирање на трета политичка сила во системот, не помалку од стравот на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ е во смртен страв од конкуренција на политичката сцена, макар и доживотно останеле опозиција, само за да бидат главни опозиционери и лидери на се́ што е опозициско во системот. Да имаше СДСМ искрени намери кон политички субјекти од опозицискиот табор, и посебно за другите политички субјекти од десниот блок, тие оддамна ќе се избореа за промена на изборниот модел и за воведување на една изборна единица на цела територија на Република Македонија, со отворени листи и преференцијален глас или преференцијални отворени листи. Искреноста се докажува со дела. Не се доволни аргументите дека немало клима во преговорите за да се наметне ваквиот изборен модел.Жалам, но ова се факти.

Оттука, да заклучуваме. Доколку десниот блок, кој според сите политички калкулации и теренска сондажа тежи повеќе од 100тина илјади гласови во овој предизборен момент, со тенденција да расте доколку се добие валидна и надежна понуда на нова вредносна визија и нови морално – доблесни ликови во политиката, сепак се определи да чека понуда од СДСМ и да зависи од нечија политичка волја дали ќе го вклучи или не на изборните листи, тогаш двопартискиот бастион останува на сцена и после изборите, и нацијата останува без надеж дека било што ќе се промени во периодот кој следува.

Но, доколку десниот блок смогне сили, внесе разум и мудрост при носење на политичка одлука да се позиционира изборно, пред да биде донесена одлуката од страна на тематскиот конгрес на СДСМ, тогаш ќе покаже сила, разум и мудрост која има потенцијал да ја разбуди надежта на нацијата за подобро и поинакво утре. И ова е визија. Се́ останато е чекање некој (читај СДСМ) да “фрли“ некоја паричка во шеширот, да даде некоја милостиња или да не речам просење. После една таква разврска на политичката сцена, нема да има сила ниту еден политички субјект кој, доколку не се најде во пазарот на СДСМ, да се соземе од “корпата“ и да се покрене себеси и да ги убеди гласачите дека сепак има автохтона, изворна политичка визија за својот народ. Не, драги мои. Не е визија да чекате “леш“ од некого, тоа е питачење по концептот “дај што ќе дадеш“. А што ако е ова концепт на СДСМ или систематски потег за разединување, обезличување и обессилување на десниот блок? И во чие име и интерес? Зошто СДСМ би одработил вакво нешто во корист на ВМРО-ДПМНЕ?

И како и се́ во животот, така и носењето на политички одлуки за изборно позиционирање е избор. Прашањето е дали сме зрели изборот да го направиме на основа на знаење, разум и мудрост, или некој ќе сака да ја продаде “моментално високата вредност на акцијата“ предвреме и за ефтино, да не речам за “без пари“, само заради лукративни, лични и себични интереси по принципот “јас, јас и само јас и никој друг“.

 

 

 

Поврзани новости