Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, најави ревизија на учебниците на сите нивоа на образование, на што ќе работат експерти и комисии и секоја содржина за која ќе се утврди дека е погрешна, односно дека поттикнува говор на омраза или дискриминација, ќе биде отстранета.
„Јавноста честопати беше соочена со примери на учебници во коишто имаме погрешни констатации, каде што има говор на омраза, каде што има дискриминаторски ставови и предрасуди значи сите учебници ќе бидат отворени на процес на ревизија во целокупното образование со цел да се отстранат грешките коишто учениците ги учат“, изјави министерката.
Таа додаде дека ревизијата на сите учебници ќе биде дел од еден процес што ќе биде дебатиран на експертско ниво. Дескоска посочи дека од Друштвото на писатели е пристигната и иницијатива за ревидирање на списокот на лектири и смета дека тоа треба да се направи во рамки на процесот на ревидирање на учебниците.