Министерката за правда Рената Дескоска вели дека не е нарушена безбедноста на прислушуваните материјали во зградата на Специјалното јавно обвинителство, бидејќи републичкиот јавен обвинител ја презеде надлежноста и тој сега ја има формално грижата за тие материјали, во истиот сеф како што стоеле и досега.
-Јавното обвинителство кај нас е поставено хиерархиски. Согласно постојниот Закон за Јавното обвинителство, а тоа не беше сменето ниту во предлозите кои ги пуштивме во Собрание, републичкиот јавен обвинител има право да делегира предмети на конкретни јавни обвинители. Тоа не е нешто што тој прват го прави, тоа се случувало и во минатото додека бил републички обвинител Зврлевски и во други случаи. Тие ги водат предметите по доделување на републичкиот обвинител, изјави Дескоска во емисијата „360 степени“ на Телевизија Алсат.
Според Дескоска, не е спорно од правен аспект тоа што обвинителите се сместени во истата зграда на СЈО.
-Колку што знам тоа е зграда која што е доделена на СЈО, во орган во рамките на ЈО. Тоа е зграда во којашто се сместени обвинителите, во која што се наоѓаат предметите формално, материјалите, така што од тој аспект не станува збор за правно прашање, дека е нешто спорно од правен аспект, туку од практичен аспект веројатно одлучил обвинителот на тој начин да продолжат работите и тоа е апсолутно ирелевантно, заклучи Дескоска.
Што се однесува до платите на вработените во СЈО, Дескоска вели дека се подготвени измени на Законот за јавнообвинителски службеници.
-Кога се формираше СЈО, се додаде нова глава во Законот за јавнообвинителските службеници, којшто го регулира статусот и правата на овие лица. Ставивме одредба дека покрај специјалниот јавен обвинител доколку не е избран, републичкиот обвинител одлучува за статусните права, за другите права на овие вработени, потенцираше Дескоска.