Непосредно пред одлуката дали ќе се продолжи или не вонредната состојба во земјава, во услови кога не очекуваат избори, министерката за правда, Рената Дескоска е децидна дека ако не се продолжи вонредната состојба изборите треба да се одржат на 21 јуни, односно 22 дена по истекот на вонредната состојба.
-Ако не се продолжи вонредната состојба, изборите се на 21 јуни. Тоа го предвидува и Уставот и уредбата. Нема друга правна можност, вели Дескоска во изјава за „Фокус“.
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски денеска изјави дека сѐ уште се прават анализи дали да се побара продолжување на вонредната состојба, но и тој вели дека изборите ќе се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Владата до крајот на неделава ќе одлучи дали ќе побара од претседателот повторно да прогласи вонредна состојба.
В сабота истекува последниот ден од вонредната состојба и дотогаш Пендаровски ќе одлучи дали ќе ја продолжи или не вонредната состојба. Поранешниот судија во Уставен, Трендафил Ивановски вели дека логично би било да не се продолжува вонредната состојба, но вели дека со оглед на политичките игри што се случуваат меѓу техничкиот министер во МВР од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и владата, вели дека сѐ е можно. И за него е јасно дека изборните дејствија продолжуваат откако ќе заврши вонредната состојба.
Изјавата на Дескоска е на иста линија со професорот по Уставно правно, Светомир Шкариќ кој вели дека ако нема договор изборите да се оддржат на 21 јуни, односно 22 дена по завршување на вонредната состојба, претседателот Стево Пендаровски ќе мора да прогласи нова вонредна состојба, бидејќи нема опција за носење на нова уредба.
Ф.Ф.С.
Шкариќ: Или избори на 21 јуни или нова вонредна состојба, трето нема!