Ромите се дискриминираат и омаловажуваат на државните гранични премини, се жалат претставници на повеќе невладини организации што ги застапуваат интересите на ромската заедница.
Во моментов се водат 41 судски процес во македонските судови, по тужби од граѓани од ромската заедница, на кои без никакво образложение и аргумент не им бил дозволен излез од земјава на граничните премини.
За овој проблем, невладините организации денеска зборуваа со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
На средбата, како што изјави Спасовски, било разговарано за наоѓање механизми со кои треба да се надмине овој проблем и со кој ќе се намалат или ќе се искоренат тужбите што граѓаните од ромска националност ги поднесуваат поради дискриминација.
Министерот рече дека до граничните премини треба да се достави соопштение за постапување на службениците на премините така што нема да се нарушува достоинството на граѓаните.
Спасовски додаде дека со ваквите постапки не се нарушува само достоинството и честа на граѓаните, туку и честа и угледот на Македонија како држава и дека овој проблем мора да биде надминат.