Десетина жени кои никогаш не се сретнале донирале облека за полуматурската забава на учениците со попреченост

by Fokus
Анче Николова Туфекчиева, активист за правата на лица со попреченост и мајка на Верче, девојче со Даун Синдром, ги израдува полуматурантите во Посебното Основно училиште Св. Климент Охридски од Ново Село, донирајќи им гардероба со која вечерва ќе се појават на својата полуматура.

Таа вели дека била запознаена со материјалната состојба на повеќето деца кои учеле во училиштето, бидејќи и нејзината ќерка Верче учела таму, а имала можност и самата да присуствува на една забава по повод полуматура.


Во ПОУ Св. Климент Охридски учеле деца со попреченост и половина од полуматурантите биле интернатски сместени. Живееле таму, дома заминувале за време на распустите и биле во тешка социјална и материјална состојба. Сакајќи да им даде пример на другите, да го промени светот и да шири среќа, во месец април таа ја иницирала акцијата за собирање на гардероба за полуматурската забава на учениците.

-Познавајќи ја состојбата на децата од училиштето и со цел да ги израдувам, пред околу два месеци ја започнав акцијата. Ми се приклучи мојата другарка Ирена Мила, а потоа и уште десеттина жени. Првично, баравме да се донира добро сочувана гардероба, но потоа се вклучија и бутици и се донираше и нова свечена облека за полуматурантите. Се донираа фустани, обувки, модни додатоци. Во акцијата бевме вклучени само жени, кои дури и меѓусебно не се познаваме, и докажавме дека жените се сила! По кагро беше испратена целата гардероба и успеавме да им ја разубавиме забавата на овие деца – раскажува гордо струмичанката.

Таа додава дека еден од наставниците и пратил фотографии од децата, кои насмеани позирале во новата облека, со цел да и се заблагодарат. Вели дека е пресреќна што успеала да ги израдува и како се надева дека акциите од овој вид ќе станат традиција.

-Свеченоста во училиштето е во тек, а полуматуранитите вечерва во ресторан во Ново Село ќе го прослават завршувањето на основното образование и драго ми е што ние, неколку жени, кои дури и меѓусебно никогаш не сме се сретнале, ги направивме среќни – ни изјави Анче.

Вики Клинчарова


Поврзани новости