Десет пораки до човештвото

by lali

Доста е, премногу далеку отидовме!!! Индустриската револуција нѐ доведе во непосакувана ситуација. Зашто ние, луѓето „по природа“ сме збеснати и продолжуваме да ги уништуваме изворите на животот. Мораме да запреме, да се промениме, да тргнеме во друга насока, да ги смениме сопствените животи и да го смениме начинот на мислење и дејствување.

Да создадеме нова „ера на човекот“. Да престанеме да ја уништуваме земјата, човештвото, самите себеси. Нека ни биде јасно: мораме да најдеме ново стојалиште, нова култура, нов поредок, ново единство на целото човештвото – заради опстанокот на сите нас.

Ние не сме пчели што инстинктивно градат колонии. Не сме ниту изолирани неурони, несвесни за своите мисли. Ние сме интелигентни суштества што можат да го набљудуваат сопственото однесување. Свесни сме во кој правец се движи човештвото. Ако заеднички дејствуваме, тој правец можеме да го промениме. Да создадеме нова религија што сите ќе нѐ обедини.

Постојат многу религии што ги здружуваат луѓето, но не и една што ќе ги здружи сите. Различноста на боговите ги дели луѓето на групи и создава причини за многу меѓусебни конфликти и војни. Но, овие религии не се вечни.

Ако сите веруваме во човештвото како заедница, тогаш нема да има конфликти и сите ќе бидеме единствени. Зашто сите сме дел од ова човештво и можеме да веруваме во една нова обединувачка „виша сила“.

Богот на човештвото е во сите нас. Зад овој Бог нема криење, зашто тој е во нас. Не можеме веќе да се скриеме ниту пред одговорноста за нас самите.

Верувањето во човештвото создава поинаков начин на размислување. Создава свест за тоа кои сме, каде сме и што претставува планетата Земја за сите нас. Токму потребата да ја заштитиме земјата е сѐ поголема. А вселената е само наше огледало. Ние сме точно таму кај што сме: на прекрасна планета што значи живот за сите нас. Сите ние сме астронаути на вселенскиот брод – Земја.

Клучот е во нашата волја и решеност. Само вербата во човекот ќе ни ја даде таа волја. „Новата“ религија ќе ни овозможи да ја преточиме таа волја. Да ѝ дадеме нова форма, да создадеме нови симболи, ритуали, и уметност, за да ги пренесеме пораките до сите луѓе. Младите треба да бидат наши предводници зашто на нив останува иднината –  ним им останува да уживаат во природата и Земјата кога нас ќе нѐ нема. И нивните идоли треба да станат примери и рол-модели.

Фестивалите треба да зрачат со овие универзални пораки, а  уметниците можат да ги пронајдат вистинските зборови што ќе допрат до секое срце. Но, секој треба и самиот да учествува во создавањето нова форма за оваа религијата. Да ја искаже својата верба во трајното постоење на човештвото.

Еве ги моите 10 пораки за верба во човештвото:

  • Човештвото е неделиво.
  • Целта на човештвото е да опстане.
  • На човештвото му треба земјата и природата.
  • Наша цел е да го одржиме човештвото, а со тоа и земјата и природата.
  • Дa го почитуваме секој оној што се бори за таа цел.
  • Секој со секого е поврзан преку човештвото.
  • Секој е во врска со природата и земјата.
  • Сите сме астронаути на Вселенскиот брод – Земја.
  • Кој нема почит кон другите, нема почит ни кон човештвото.
  • Човештвото, природата и планетата Земја се неделиви.

 

Вубо ОКЕЛС

Поврзани новости