Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски кој е осомничен во новата истрага на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во изјава за „Фокус“ вели дека постапката за набавка на софтверот што се користеше на последните избори кога „падна“ системот на којшто се гледаа гласовите, била спроведена на најтранспарентен начин.
-Постапката за набавката на софтверот беше спроведена на најтранспарентен начин, прв пат беше објавен тендер, се беше јавно и транспарентно. Со ова излегува дека изгледа сме згрешиле што сме објавиле тендер. Нека ѝ е среќа на државава со вакви постапки, вели Деркоски.
Тој и после спроведувањето на изборите тврдеше дека постапката била законска, се пријавиле две фирми „Дуна“ и „iVote“ и јавно прашуваше зошто претходно во 11 циклуси се склучувал дговор со „iVote“ во четири очи. Тој вели дека на Обвинителството му била предадена целата документација за постапката и порачува дека ќе докажува дека се било законски.
Според обвинителството, во временскиот период од февруари до септември годинава, во Државната изборна комисија, осомничените како членови на Комисијата за јавни набавки и осомничениот управител и сопственик на правното лице, со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка ги повредиле одредбите од Законот за јавни набавки со тоа што не утврдиле дека економскиот оператор не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди во постапката за јавна набавка, ниту било објавено Известување за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка во предвидениот законски рок.
Исто така, не било извршено тестирање и финален тест на софтверот пред истиот да биде имплементиран и не бил извршен увид во спроведената постапка со преговарање, иако биле должни да го направат истото пред да биде потпишан Договорот, како и да утврдат дека Извештајот од спроведена постапка бил изготвен спротивно на Правилникот за начинот на пополнување на образецот на Извештајот од спроведената постапка.
Воедно, изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка била направена во консултации со учесник во постапката, спротивно од Законот за јавни набавки, со што за две правни лица била прибавена корист – право да учествуваат во постапката за јавна набавка и да склучат договор за истата. Со извршените дејствија е овозможено правните лица да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 899.999,00 денари, како и износ од 349.500,00 денари, информираа од Обвинителството.
Ф.Ф.С.