Ги повикувам граѓаните масовно да излезат на гласање, да не се плашат за своето здравје затоа што ние се погриживме да ги снабдиме сите избирачки одбори со заштитен материјал, а деновиве се врши и дезинфекција на сите гласачки места во државата, изјави претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски.
Деркоски како прв човек на ДИК утрово лично вршеше увид на дистрибуцијата на доверливиот материјалот за гласање што ќе се користи на претстојните вонредни парламентарни избори, а е изработен од АД печатница „Киро Дандаро“ – Битола.
– Материјалот ќе биде доставен до сите општински изборни комисии, а тие пак во текот на утрешниот ден материјалот ќе го достават до избирачките одбори. Процесот се одвива непречено и со одлична организација, а тоа значи дека се ќе за заврши во предвидениот рок. Подготовките на ДИК за целиот изборен процес се одвиваат непречено, посебно сме посветени во делот врзан со заштитата на здравјето на граѓаните и ги повикувам граѓаните масовно да излезат на гласање, да не се плашат за своето здравје затоа што ние се погриживме да ги снабдиме сите избирачки одбори со заштитен материјал маски, за да и оние граѓани кои не можат да купат или не носат заштитна маска од кои било причини, сепак да добијат заштитна маска, да гласаат и да го остварат своето право на глас, истакна Деркоски.