Депонијата не е направена од мене, туку од ВМРО, се правдаше неготинскиот градоначалник Делков

by Fokus

Неготинскиот градоначалник Тони Делков вчера имаше свое излагање пред камерите на регионалната КТВ, каде им се обрати на граѓаните по повод депонијата за инертен индустриски отпад во близина на Криволак, поради која што населението револтирано реагира и се бара поништување на одлуката за изградба на истата.

Со документи во рацете, тој се правдаше пред јавноста дека депонијата не е измислена или направена од него или пак од сегашниот Совет. Според него, уште во 2009 година Советот на Неготино дал согласност за формирање на депонија за индустриски инертен отпад, а одлуката била потпишана од Ванчо Апостолов, тогашен претседател на Советот, а потоа и градоначалник на Неготино од редовите на ВМРО ДМПНЕ. Тој покажуваше договори за закуп на земјиштето со цел да се користи како депонија потпишани од страна на функционери од ВМРО ДПМНЕ.

Договорот за закуп бил раскинат во 2017 година, бидејќи закупецот не ја плаќал концесијата.

-Од документите се докажува дека истото земјиште кое денес е предмет на продажба во минатите години е предвидено за депонија за инертен отпад. Тоа и претходно се користело како депонија – се правдаше Делков. Порача дека не се затскриваат постапките и на јавна седница биле изгласани иницијативите. На 20-ти мај годинава Советот на јавна седница едногласно ја изгласал иницијативата за продажба на земјиштето и на граѓаните им порача да не се паничат.

-Никогаш нема да дозволиме на територијата на Неготино да се депонира опасен отпад – изјави Делков.

Граѓаните го дочекаа на нож неговото обраќање и под објавениот линк на телевизијата му порачаа дека го гласале да отвора фабрики, а не сомнителни депонии и бараа поништување на одлуката за продажба на земјиштето. Исто така, актуелна е и листа со прашања до Делков од страна на загрижените граѓани, која што се споделува на социјалните мрежи.

1.Дали за ваква важна одлука побара мандат од народот?

2. Дали сметаш дека за вакво прашање сам треба да одлучуваш со осум советници од СДСМ?

3. Дали е оправдување некој што згрешил, па се поправил, сега и ти да грешиш самиот свесно и да кажуваш како децата мали -тој прв почна па морам и јас, дали тоа е некакво оправдување?

4. Дали до сега си ги прашал жителите на Пепелиште и Криволак кои ќе бидат најдиректно изложени и оштетени од постоењето на депонијата?

5. Дали може да ги соопштиш имињата на луѓето кои се сопственици на фирмата која го купува земјиштето?

6. Дали тие се странци? Дали можеби со нивните фамилии ќе се населат во Пепелиште да ни покажат дека ништо не е опасно?

7. Дали тие се занимавале до сега со ваков или сличен бизнис , каде, кога и зошто доаѓаат во Македонија, односно во Неготино?

8. Дали знаеш дека ти ќе си можеби градоначалник уште година, две и толку, а депонијата ја правиш за децении и векови натаму?

9. Дали е логично некој да даде само за празно земјиште 33.000.000 денари и сигурно уште толку за изградба на депонијата со сите објекти еве, на пример инвестиција од 2.000.000 евра и тој да складира инертен отпад, градежен шут итн… и да чека тие 2 милиони евра инвестиција да ги врати после 50 години, дали Тони тебе ти е тоа логично или не? Или ќе биде депонија за скап отпад, токсичен и радиоактивен, од кој ќе има најголем профит(се разбира никаде официјално за тоа документ нема да има), и кој отпад се разградува со векови и е убиствен за човекот и цел жив свет? – се дел од прашањата во листата која се споделува на социјалните мрежи и на страниците посветени на градот.

По повод настаните кои се актуелни во градот, од страна на здружението на граѓани ,,Ековита” е доставено писмено барање за покренување на иницијатива за одржување референдум за стопирање на постапката за изградба на депонија за инертен отпад.

Од здружението потенцираат дека стравуваат за здравјето на луѓето и животната средина. На страницата на групата Спас за Неготино информираат дека по повод иницијативата за спроведување на референдум против депонијата за инертен отпад, доставена до Државната изборна комисија, ќе биде првично потребно собирање на сто потписи, и граѓаните дополнително ќе бидат известени кога ќе започне собирањето на потписите.

В.К.

Поврзани новости