Депонија на безнадежност

by Fokus

Македонија веќе децении е  земја на реформи без реформи, земја на преродби без преродба, земја на корупција, политиканство, неспособност, криминал, земја на просветителите во која народот е заглупавен, колевка на писменост со многу неписмени, земја на универзитети со необразовани политичари, оаза на мирот во која никој не е спокоен и мирен.

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

Помина уште една година, помина и Бадник и Божиќ,  дојде и Василица.  Се доаѓа и проаѓа, се се менува, само македонската стварност и реалност останува иста.

Се вратив десетина години наназад да видам што сум пишувал во тоа време и што се случувало и истите проблеми, истата состојба во судството,  исти проблеми со корупцијата, сиромаштијата, заробени институции, нефункционирање на системот, исполитизирана секоја клетка на општеството,  истата недоветност и некадарност на политичарите кои наместо со политика се занимаваат со политиканство, популизам и криминал.

Само имињата се различни на политичарите и јавните функционери ама менталниот склоп, однесувањето и некадарност им се исти како една мајка да ги родила.

Македонија веќе децении е  земја на реформи без реформи, земја на преродби без преродба, земја на корупција, политиканство, неспособност, криминал, земја на просветителите во која народот е заглупавен, колевка на писменост со многу неписмени, земја на универзитети со необразовани политичари, оаза на мирот во која никој не е спокоен и мирен.

Со децении во Македонија трае борба со корупцијата во која никој не се бори, а секој кој е на власт гледа да украде што повеќе.  Со децении го реформираме судството без реформи, а власта постојано се залага за слободно судско убедување, но по терк и желба на извршната власт.

ВО МАКЕДОНИЈА СО ДЕЦЕНИИ ТРАЕ БОРБАТА СО КОРУПЦИЈАТА, НО НИКОЈ НЕ СЕ БОРИ

Македонија е земја на нееднаквост и привилегираност во која законите важат и се применуваат според функцијата, позицијата, името, роднините. Ние сме земја на цркви и манастири, земја од Библијата во која не се слуша молитва туку клетва и лош збор.

Во нашата земја постои Агенција за млади и спорт, но немаме ниту младина затоа што се исели, ниту спорт затоа што истиот стана политика, феуд на фамилии на политичари, од кој не се издвојува за спорт туку се молзе и краде без милост.

Нашето здравство е бесплатно, но лекувањето е едно од најскапите во светот. Јавното здравство го урнисаа и го привилегираа приватното затоа што со него раководат тајкуните, политичарите, нивните роднини, на болеста и маката на овој народ се богатат.

Од оаза на мирот направивме пустина на безнадежност, од земја за пример создадовме недефинирана територија за прекор, од колевка на писменост и култура изнедривме депонија на простотилак и некадарност. Ситни, искомплексирани, безлични муфљузи раководат со државата и народот, уништуваат нешто што никогаш не го создале ниту можат да го создадат, прекројуваат нешто за што друг гинел и крварел.

Тие ситни, мали и мрачни души својата кадарност ја мерат со големината на грабежот што го направиле, својата успешност ја мерат со украдените пари. Истите тие од опинци влегоа во црни лимузини, од нива во функционерска фотеља, па дури тогаш завршуваа училишта и факултети и мафтаа со подарени дипломи, а сето платено со маката и парите на народот.

Во  нашата земја функционерите и власта не се кадарни да се справат со ниту еден проблем, па дури ни со кучињата скитници. За се бараме решение, амин и помош однадвор па се прашувам за што ни требаат овие внатре што не ги бива за ништо освен за демагогија и криминал.

Можеби е добро  и народот да побара помош од Брисел, како и политичарите за кучињата скитници. И едните и другите се опасни и касаат ама овие вторите, политичарите, немаат усул , до коска гризат и беснило пренесуваат.

Поврзани новости