Во Повелбата за првомајскиот протест се наведува дека во Македонија погазувањето на “правата и достоинството на работниците е една од клучните неправди што ги живееме” и повикуваат на протестен марш на кој ќе се бара:
– донесување нов Закон за работни односи кој што ќе овозможи вистинска заштита за работниците во приватниот и во јавниот сектор преку ослободување на правото на штрајк;
– итно изедначување на минималната плата на вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија со сите останати категории работници;
– промени во Законот за безбедност и здравје при работа со кои здравјето на работниците ќе се стави како приоритетен аспект на работниот однос;
– повлекување на Законот за административните службеници и на Законот за вработените во јавниот сектор, два закони што го киднапираа достоинството на вработените во јавниот сектор; – со повлекувањето на горенаведените закони, бараме враќање на Законот за државните службеници со оригиналниот текст од 2000 гoдина;
– повлекување на Законот за културата и отпочнување преговори за потпишување на Колективен договор за вработените во културата;
повлекување на сите измени и дополнувања на Законот за високо образование од 2008 година до денес, сè до донесувањето нов ЗВО во кој ќе се обезбеди потполно почитување на правото на автономија на Универзитетот, квалитетен и одржлив развој на вискообразованата дејност, како и изземање на јавните високообразовни установи од системот на трезорско финансирање;
законско регулирање на партиципативно студентско организирање и демократска студентска репрезентација во високообразовните установи;
– повлекување на сите измени на постојниот Закон за надворешни работи од 2008 година до денес и подзаконските акти донесени врз основа на тие измени – враќање на оригиналниот текст на ЗНР од 2006 година во сила, со единствена цел за нормализирање на состојбите во МНР и реинституционализирање на МНР во интерес на надворешната политика;
– донесување нов Закон за медиумите кој ќе биде прифатлив за новинарите и медиумските работници и регулирање на платите и останатите права преку законска рамка (односно Колективен договор изготвен од ССНМ);
– вклучување на сите грански синдикати во процесот на социјален дијалог на би- и три-партитно преговарање;
отпочнување со инклузивен процес на преговарање за нови Општи колективни договори за вработените во приватниот и во јавниот сектор;
– потпишување Колективни договори за сите гранки и дејности кои ќе ја отсликаат вистинската слика на борбата за подобри работнички права во Република Македонија.
Второмајскиот протест го поддржуваат Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС) , Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Левичарското движење СОЛИДАРНОСТ, Движењето за социјална правда ЛЕНКА, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО), Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Независниот академски синдикат (НАкС) и Младинската организација МУГРА.
Стартот на протестот е закажан за 18 часот пред Домот на градежници во Скопје.