Советот на јавни обвинители денеска се очекува да назначи вршител на должноста јавен обвинител на Република Македонија, на местото на Марко Зврлевски кого Собранието на 17 овој месец го разреши од должноста.
Како што најави претседателот на Советот Петар Аневски по разрешувањето на Зврлевски, вршител на должност ќе биде назначен од неговите заменици, а ќе ја извршува должноста до изборот на нов државен јавен обвинител.
Владата на Република Македонија на завчерашната седница му предложи на Собранието да ја почне постапката за избор на нов државен јавен обвинител. Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавувањето на огласот во Службен весник.
Откако кандидатите ќе се пријават, Советот на јавните обвинители дава мислење по предлогот на Владата за именување на јавниот обвинител. Во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето до Владата, Советот доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно законот. Ако не се произнесе во овој рок, течат нови 15 дена. Доколку и тогаш не се изјасни, тогаш се смета дека мислењето на Советот е позитивно. Владата, пак, до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител само од пријавените кандидати за кои Советот дал позитивно мислење.
Доколку пак Советот за ниту еден од кандидатите не даде позитивно мислење, тогаш владата нема право да поднесе предлог кандидат, туку може само да му предложи на Собранието да го повтори огласот, по што повторно ќе почнат роковите од 15 дена за изјаснување на Советот, па изборот да се пролонгира до бескрај.