Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а наместа ќе има појава на нестабилност со повремен пороен дожд и грмежи. Локално, овие процеси, како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) ќе бидат изразени во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и услови за појава на град.
Минималната температура ќе се движи во интервал од 15 до 23 Целзиусови степени, а максималната ќе достигне од 31 од 38 степени. Вредноста на УВ-индексот ќе изнесува осум.
Во Скопје, според синоптичарите, се очекува сончево време со умерена облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура во главниот град ќе се спушти до 20 степени, а максималната дневна ќе достигне до 36 Целзиусови степени.
Според УХМР, до четврток во земјава ќе преовладува променливо облачно време со повремен пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и појава на град. Дневната температура ќе биде во опаѓање, особено во четврток и петок кога ќе дува засилен северен ветер.