Во Лондон денеска почнува дводневен самит на НАТО со цел да се покаже единството и силата на Алијансата, која ја слави својата 70-годишнина од основањето.
Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Лондон синоќа, а лидерите на НАТО ќе бидат денеска гости на кралицата Елизабета Втора во Бакингамската палата.
И делегацијата на Македонија ќе седне на иста маса со лидерите на земјите-членки на Алијансата. Владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев ќе учествува денеска и утре на лондонскиот Самит, на кој се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата.
Во состав на владината делегација се вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Централно место во програмата е Состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC) на шефовите на држави и/или на влади утре, на вториот ден од Самитот, на кој ќе учествува и премиерот Заев, со што Северна Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата.
Заев денеска, на првиот ден од Самитот ќе учествува и на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера“, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата“ (“NATO Engages: Innovating the Alliance”). Покрај премиерот Заев на панелот говорник е и претседателот на Полска, Анджеј Дуда.