Денеска ќе бидат одбележани 12 години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар во Босна и Херцеговина
Во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел цвеќе на гробот на Трајковски ќе положат членови од семејството на претседателот, повеќе делегации и граѓани. Годишнината од смртта на претседателот Трајковски ќе биде одбележана и пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Цвеќе ќе положат директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Златко Перински, директорот на Агенција за млади и спорт, Марјан Спасески, претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаревски, претставниците на Спортското радио, како и претседателот на Сојуз на спортови на Македонија, Борче Боев.
Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26. февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.
Првичната истрага што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност.