Од денеска почнува скринингот на учениците за Ковид-19 и тоа во девет средни училишта во Скопје. Ќе се тестираат 258 средношколци. Досега ревакцинирани 45 отсто од полнолетните граѓани. Вакцинираните со „Синовак“ и „Синофарм“ трета доза може да примаат три месеци по ревакцина, одлучи вчера Националниот Комитет за имунизација. Од 8 до 14 октомври од КОВИД-19 починале 105 лица, од кои 79 не биле вакцинирани, информира вчера Министерството за здравство.
Вчера беа регистрирани 472 нови случаи од направени 3431 тестирање или 13,7 отсто, што е во рамки на процентот на заболени од коронавирусот за време на работните денови, кој се движи од 10 до 15 отсто. Евидентирани беа вкупно 14 починати лица – осум во претходното деноноќие и шест преку системот „Мој термин“ од 18 септември до 12 октомври 2021, и 498 оздравени пациенти, информираа вчера од Министерството за здравство, повикувајќи се на податоци од Институтот за јавно здравје.
Досега во земјата се направени вкупно 1.347.969 тестирања на КОВИД-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 197.669, бројката на оздравени пациенти е 183.972, на починати е 6.978, а бројот на активни случаи изнесува 6.719.
Половина од активните случаи се во Скопје – 3407, потоа следи Куманово со 538, Велес – 310, Прилеп – 227, Охрид – 216. Во другите градови таа бројка е под 200, а во Пехчево и Демир Капија има по еден заразен случај.
Во текот на завчерашниот ден биле аплицирани вкупно 3.475 дози вакцини, од кои 917 како прва доза, 2.509 се ревакцини, а 49 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 18 октомври вкупно се вакцинирани 799.762 граѓани, ревакцинирани се 763.031, а трета доза примиле 1.197 граѓани.
Како што информираат од Министерството за здравство, 54 отсто од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 проценти, а со две дози опфатени се 45 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.
Националниот Комитет за имунизација вчера донесе одлука со која препорачува, граѓаните кои се вакцинирани и ревакцинирани со вакцините на производителите „Синовак“ и „Синофарм“, трета доза вакцина може да примаат после изминати три месеци од ревакцинација, соопшти Министерството за здравство.
Вакцинацијата со трета доза е со вакцина на производителот „Фајзер“, а вакцинацијата е без закажан термин на кој било вакцинален пункт во државата. За граѓаните кои примиле друг тип вакцина, „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Спутник В“, трета доза вакцина може да примаат после поминати 6 месеци од ревакцинација.