Комисијата за заразни болести денеска ќе има состанок на кој се очекува да бидат предложени нови рестрикции за невакцинираните граѓани затоа што тие најмногу ги оптоваруваат болниците. Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека конкретни предлози од состанокот ќе бидат доставени до Владата.
– Болничкиот систем сега најмногу го оптоваруваат невакцинираните пациенти. Тоа дефинитивно не смееме да го толерираме понатаму. Доаѓа зимска сезона и време на настинки и други пациенти ќе го оптоваруваат дополнително болничкиот систем. Во услови кога има доволно вакцини, апсолутно не е дозволиво граѓаните да не се вакцинираат. Со вакцинирањето не само што водат сметка за своето здравје, туку и за здравствениот систем. Ние не можеме бесконечно долго да оставиме вака да биде преоптоварен здравствениот систем, изјави Филипче, додавајќи дека во изминатите денови со Комисијата разговарале за тоа какви мерки се воведени во земјите од регионот и во некои држави во Европа.
Во вчерашната статистика за поминати 24 часа, беа регистрирани 524 нови позитивни на коронавирус од 3126 тестирања, 565 оздравени и девет починати пациенти.
Во државава има 8271 активни КОВИД-случаи, од кои 3775 се во Скопје. Зад главниот град е Битола со 630, трицифрени бројки имаат уште 12 општини, а четири од нив се со над 300 активни: Прилеп (419), Велес (350), Кавадарци (344) и Куманово (323).