На денешната собраниска седница пратениците ќе гласаат за избор на новата преодна влада која беше договорена како еден од условите за одржување на избори на 11 декември.
Преодната влада ќе функционира 100 дена пред изборите, односно од денеска па до 11 декември. СДСМ во оваа влада ќе ги добие министерските места во секторите внатрешни работи и труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство.
На вчерашниот конгрес, опозициската партија одлучи на овие места да ги назначи истите кадри кои беа дел и од претходната преодна влада, односно Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Фросина Ременски е кандидатка за министерка за труд и социјална политика, Кире Наумов кандидат за дополнителен заменик министер за финансии, Александар Кирацовски кандидат за дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација и Љупчо Николовски кандидат за дополнителен заменик министер за земјоделство, водостопанство и шумарство.