Во Скопје во вторник пристигнува шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој во интервју за грчкото радио „Реал фм“ истакна дека не е сигурен дека „ние можеме да ја одведеме француската политика до промена,“ но нагласи дека сигурно ќе се обидат и оти прават повеќе од она што можат.
Дендиас и заменикот министер за надворешни работи надлежен за економска дипломатија Костас Франкојанис на 26 ноември пристигнуваат во земјава, а портпаролот на грчкото МНР Александрос Гениматас посочи дека една од темите за кои ќе се разговара е и дополнителен развој на економски односи.
Шефот на грчката дипломатија непосредно пред посетата на Скопје ја повтори позицијата на Грција – поддршка за проширувањето на ЕУ, бидејќи „тоа е во интерес и на Европа и во интерес на Грција”.
Тој веќе имаше средба со Никола Димитров во Брисел, а следната недела во посета на Атина пристигнува холандскиот министер за надворешни работи. Холандија беше една од трите земји кои рекоа „не“, а Дендиас изјави дека планира да замине и за Копенхаген, но планира и средба со Французите.
– Со Ле Дријан се видов завчера на состанокот на НАТО. Во рамките на нашите можности, правиме повеќе од она што можеме, рече вчера Дендиас.
Поддршката за отпочнување преговори со Северна Македонија и Албанија во март следната година се зголемува. Вкупно 15 земји-членки на Унијата го ставија својот потпис на писмото, кое минатата недела беше испратени до Европската Комисија, во кое се бара почеток на преговорите за двете земји во март 2020. Писмото првично беше пратено од шест земји-членки, а потоа кон нив се придружија уште девет други земјите од Унијата.
Меѓу потписничките е и Грција, а останатите се Австрија, Италија, Словенија, Словачка, Полска, Чешка, Бугарија, Естонија, Унгарија, Ирска, Летонија, Литванија, Малта и Португалија.
Во писмото се дава согласност за реформа на методологијата на преговарачкиот процес доколку тој овозможи отворање на пристапните преговори за членство со Скопје и Тирана во март 2020.