Ниту една досегашна власт не „паѓаше во несвест“ по умни и креативни граѓани. Приоритет на сите владејачки гарнитури беше моќна власт со прост народ, како олицетворение на силна држава
Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Времето тече бргу и неповратно. За денешните тинејџери, периодот по петнаесет или дваесет години претставува бескрајна далечна иднина. Тие воопшто и не помислуваат да се замараат што ќе ги очекува тогаш.
А би требало, затоа што нивната генерација во тоа идно време може да биде нова социјална група, чие површно знаење, умеење и вредности нема да им се потребни на никого. Ќе бидат „боси човеци“, односно „писмени неписмени“ со дијагноза „функционална неписменост“.
Како најзависни консументи на современите дигитални чудесии, посебно интернетот, голем број од нив не стануваат поинформирани, конкурентно поспособни и покреативни. Напротив, тешко пронаоѓаат, осмислуваат, трансформираат и извлекуваат одредени поенти, не читаат „меѓу редови“, не разграничуваат вистина од измислица, не предлагаат свежи идеи за излез од секојдневниот колосек.
Да се биде функционално писмен, значи да се интересира за многу, многу работи, освен фирмирана облека, скап автомобил, естрада, чалам и лудо проведување и забава.
ФУНКЦИОНАЛНА НЕПИСМЕНОСТ
„Неписмен народ, силна држава“ е изрека која номинално го дијагностицира македонскиот транзициски амбиент и процесите во него. Нејзин највпечатлив белег е феноменот партизам, чиј основен парадокс е фактот што едноумието го замени со повеќе едноумија, кои генерираа „писмени неписмени“, односно „функционална неписменост“. Преведено, да знае да се чита, ама дибидус или ептен малку да се разбира. Со други зборови, да се sвери како теле во шарена врата.
Функционална неписменост е дијагноза што се шири како епидемија. Означува ограничени вештини за читање, пишување и располагање со фонд од зборови на ниво на дете. „Писмената неписменост“ е прикриена и варира од погрешно изговарање зборови до нивна неправилна употреба.
Според извештајот на Светска банка за субрегионот Западен Балкан, две третини од младата популација во Македонија се функционално неписмени. Компаративните истражувања на PISA во рамките на Организацијата за економска соработка и развој, покажале дека повеќе од 50 отсто од учениците до 15-годишна возраст, немале основни компетенции во читање, математика и природни науки, а едвај 10 отсто разликувале факт од мислење.
„Боси човеци“ би бил најсоодветен термин за опис на македонските транзициски елити. Парадоксот на партизмот е фактот што најголемиот дел од нив се идоли и мерило за успех, квалитет и визионерство. Заклучокот се наметнува сам по себе: во Македонија може да се биде функционално неписмен и пак да се успее, дури да се постигнат sвездени мигови во кариерата и животот, само ако се има трошка к’смет, партиско педигре или рејтинг на кримос.
ТРИ КНИГИ ПО ЖИТЕЛ
Едно време Македонија била за Рипли, со срамен податок од седум-осум жители на една книга. Потоа, статистиката бележи рапидно подобрување од три книги по жител, наспроти десет во Европа. Денес никој точно не знае колку жители доаѓаат на една издадена книга, но прогнозата е дека не се помалку од десет, можеби и многу повеќе. Тоа значи дека „босите човеци“ повторно се за рубриката „Верувале или не“.
Неофицијално, во Македонија само неколку проценти од населението имаат навика да читаат книги и се надградуваат, а над 90 отсто не прочитале книга по напуштањето на ученичките клупи.
Во ниту еден град, освен во Скопје, нема книжарница, а да не се зборува за библиотеки и за градски читалишта. Сите дневни весници имаат-немаат вкупен тираж од петнаесетина илјади со не помала реминтенда од 20 отсто, а најчитаниот неделник се печати во шест илјади примероци.
Како што своевремено товариш Ленин ги протерувал најблескавите умови од Русија, така веќе три децении Титовите наследници ја упропастуваат неговата сентенца „Народи што имаат таква младина, не треба да стравуваат за својата иднина“. Успешно ја трансформираa во нејзина спротивност и максимата „Знаењето е сила, знаењето е моќ“.
Ниту една досегашна власт не „паѓаше во несвест“ по умни и креативни граѓани. Приоритет на сите владејачки гарнитури беше моќна власт со прост народ, како олицетворение на силна држава. Партиските ојлевци – дојлевци, тоа што го немаат во главите, ќе го побараат на Гугл, Википедија и другите моќни интернет-алатки. Таму ќе го најдат и ќе владеат. Чуму им е знаење?