Одлуката за куќен притвор за градоначалникот Владимир Талески, битолчани не ја примија со големо задоволство и не отстапуваат од барањето за негова оставка.
Битолските демонстранти и вчера излегоа на протест, а пред општинската зграда симболично поставија бесилка од ортома врзана на дрво, скандирајќи „Оставка” и „Робија”.
И опозискиот СДСМ во Битола, денеска го повика градоначалникот да си поднесе оставка, порачувајќи му дека ќе мора да се соочи со правдата и да одговара за криминалот.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак, застанаа во одбрана на Талески обвинувајќи дека Кривичниот суд подлегнал на жестоките притисоци на СДСМ и тврдат дека градоначалникот е невин.
Во меѓувреме, Талески никаде го нема. Ниту неговиот адвокат ниту пак од судот кажуваат дали решението за куќен притвор е испратено веднаш или тоа ќе го направат првиот работен ден со оглед дека решението беше донесено вчера доцна попладнето.
Најверојатно во понеделник во неговата канцеларија, доколку Талески е во притвор ќе треба да се појави негов заменик, што значи дека тој и понатаму ќе биде прв човек на општината.