Стотици демонстранти направија жив синџир околу зградата на претседателството на Србија, со цел да го спречат претседателот Александар Вучиќ да излезе по одржаната прес-конференција, на којашто тој зборуваше за синоќешниот упад на граѓаните во националниот сервис РТС.
Тие претходно успеаја да го пробијат полицискиот кордон и со камион со разглас да се доближат до зградата, барајќи од Вучиќ директно да им се обрати. Таму се појавија и опозициските лидери Бошко Обрадовиќ, Вук Јеремиќ и Драган Ѓилас.
Демонстрантите повторија дека бараат оставка на Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ, претседателката на парламентот Маја Гојковиќ и на директорот на РТС, Драган Бујошевиќ, како и слободни медиуми во наредните шест до девет месеци, за потоа да се одржат и фер и слободни избори.