Луѓето ја напуштаат земјата токму поради демократурата што одбива да замине. Токму поради тоа што во овој систем можеш да избереш – или да бидеш пријател на власта, што некои го изедначуваат со робувањето, или да бидеш против, што е еднакво на непријател. Или, трето, да бидеш емигрант
Арбен ТАРАВАРИ
Ако се пуштиме во размислување, термините со кои се дефинираат или се опишуваат властите може да бидат разновидни. Ама не е возможно да се најде еден што ќе ги опише сите. Особено не во балканските земји, каде што притисоците, уцените, агресивните намери, навидум либералното, а, сепак, цинично поведение се вообичаена матрица на однесување.
На Балканот, власта неретко се поима како команда, патолошка желба за доминација и владение над другите. Се потсетив на зборовите на Џин Шарп, автор на делото „Од диктатура до демократија“. Тој рекол дека диктаторите не се во бизнис, во кој се дозволува изборите да ги отстранат од своите тронови. Звучи познато, нели?
„ДИЈАЛОГ НА ПРИЈАТЕЛИ“
Психолозите објаснуваат дека, неретко, нашата добра волја и верба во човечката љубезност може да нè осуди на манипулација. Во здраво општество, меѓусебната доверба е камен-темелник на силата на заедницата, низ почитување на општите морални правила за поддршка на истата таа заедница. Но, понекогаш тоа нè прави ранливи на тие што не играат според истите правила како и ние.
Немам поинакви зборови, освен да кажам дека неколку години наназад живееме во систем, кој би можеле да го наречеме демократура, амалгам од зборовите демократија и диктатура. Изигрување на народот со демократски правила што водат до диктаторски резултати.
На народот, навидум, му се нуди слобода, значи не тиранија, но преку овој, да го наречеме „дијалог на пријатели“ народ-партија, целта е на крајот од дијалогот да се прифати идејата да се биде под водство на ‘тиран’.
Вообичаено, многу балкански функционери, во своето руво имаат еден вид татковска носија. Се чувствуваат како татковци на народот. Без разлика што токму тие „татковци“ им работат зад грб на своите „синови и ќерки“, обидувајќи се по секоја цена да бидат устоличени на, за нив, вистинското место. За жал, овој феномен, колку и да звучи како исечок од таму некоја си далечна приказна, сепак сè уште е присутен на Балканот.
ЕНТУЗИЈАЗМОТ ЗА ПРОМЕНИ
Ако за комунистичките диктатури се сметало дека се меѓу најбруталните во светот, што може да се каже за „Демократската диктатура“ што во моментов, за жал, ги има опфатено некои земји на нашиот полуостров?!
И како што ништо не се случува без причина, така и луѓето ја напуштаат земјата токму поради демократурата што одбива да замине. Токму поради тоа што во овој систем можеш да избереш – или да бидеш пријател на власта, што некои го изедначуваат со робувањето, или да бидеш против, што е еднакво на непријател. Или, трето, да бидеш емигрант!
Демократурата, како и сите диктатури е немилосрдна, но како истите тие, има поттикнато револуции и исто како нив завршува со срам во историските клозети на ужасната светска историја.
Иако многу луѓе лесно се откажале од своите права и слободи поради имагинарното чувство на стабилност и заштита, сепак, за среќа, заедничкото мобилизирање, знаењето, ентузијазмот за промени ни биле и ни остануваат одлика и определба.
За да се истисне демократурата од сцена, потребни се токму такви луѓе што се грижат за слободата и преземаат одговорност за неа. Таквите сè повеќе ќе ги има и верувам дека ќе бидат во голем број. Зашто сите ние заслужуваме да живееме во здрава демократија и да заборавиме на разорно-деструктивната моќ на демократурата!