„Во изминатиот месец водствата на повеќето партии на етничките Албанци започнаа натпревар со екстремизам и сепаратизам, речник кој сериозно може да ги наруши меѓуетничките односи, безбедноста и стабилноста на државата“ соопштуваат од партијата Демократски сојуз.
„Арбен Таравари од Алијанса на Албанците, предложи реорганизација на Македонија доколку Македонците не гласаат за уставни измени. Според неговата изјава „Можно е да се случи радикализација на албанските партии ако биде загрозена европската перспектива на Македонија. Може да пораснат фрустрациите кај Албанците и може да се појават нови идеи за реорганизација на државата. Ќе влеземе во еден маѓепсан круг, од кој нема да можеме да излеземе“, велат од ДС.
Од партијата посочуваат дека „од Алтернатива предложија заедница на општините со доминантно албанско население по примерот на српските општини во Косово“.
Според изјавата на Зеќирие Ибрахими, генерален секретар на Алтернатива „Во времето кога Косово се наоѓа пред финалниот договор за нормализација на односите со Србија и кога секој западен дипломат кој доаѓа во Приштина го повторува рефренот „Да се формира Заедницата на српските општини во Косово!“, прашањето што треба да се постави е зошто партиите на Албанците во Северна Македонија, тие кои имаат општини (ДУИ, АА и Беса), не покренуваат иницијатива за основање на Заедницата на албанските општини во Северна Македонија со истите надлежности со кои се бара да ги има Заедницата на српските општини во Косово. Ништо повеќе. Само толку“, велат од ДС.
Од партијата предводена од Павле Трајанов со став дека „Али Ахмети од ДУИ на еден од своите настапи ги повика Македонците да ги следат Албанците на патот кон ЕУ, цитираме „ Да ги обединиме сите Албанци, да го направиме проевропскиот фронт, да ги повикаме нашите македонски сограѓани и да ја водиме оваа земја кон Европската Унија“, за на крај Касами од БЕСА во своја објава на социјална мрежа да го прогласи „Тетово за главен град (Центар) на Албанците од Северна Македонија“.
„За жал, досега нема ниту еден коментар и осуда од СДСМ, владејачката партија, која за да остане уште некој месец на власт, толерира национализам кој ги поткопува соживотот и унитарниот карактер на Македонија. Демократскиот сојуз најостро ги осудува екстремизмот и сепаратизмот кои нѐ водат кон дестабилизација и целосна блокада на евроинтегративните процеси“ стои во партиското соопштение.