Делков има темна дамка и беспредметно е да бара нов мандат, тврдат од Ековита

by fokus

Здружението на граѓани Ековита од Неготино се оградува од изјавите и нападите од страна на актуелниот градоначалник и кандидатот за нов мандат, Тони Делков, со реакција, по вчерашното гостување на Делков во вестите на КТВ, каде тој обвини дека целата ситуација во врска со залагањата на здружението да не се дозволи влез на загадувачки индустрии во општината, му е исполитизирана.

Велат дека тој има темна дамка во досегашното работење, кога не распиша Референдум на локално ниво, со што ќе се затвореше прашањето за загадувачите.

Тој изјави дека двајца од кандидатите за советници на листата на ВМРО ДПМНЕ се активисти во граѓанското здружение и сметал дека главна тема за овие избори ќе им бидат случувањата со најавениот проект гасна централа за согорување на отпад.

-Неосновани и тенденциозни се обвинувања од страна на Делков, сакајќи да ја прикрие сопствената неодговорност! Ековита е граѓанска организација и своите активисти не ги бира ниту по партиска , полова, верска или друга основа! Кандидатот Делков ја манипулира со јавноста во вчерашниот настап на КТВ! Делков, како постојан член на Комисија за стратешки инвестициони проекти има дадено позитивна согласност за изградба на гасна централа и бараме јавно да се произнесе, бидејќи по неговата согласност Владата и сомнително и додели статус на стратешка инвестиција на неготинска фирма, која постои една година без работно портфолио, почетен капитал од 5.000 евра, а треба да менаџира стратешка инвестиција во вредност од 336.000.000 евра. Точно е дека имавме состанок за да се информираат граѓаните подетално за најавената стратешка инвестиција Гасна централа која ќе согорува комунален отпад од цела Македонија. Но, едно се договараме со кандидатот Делков, друго изјавува во медиумите- појаснуваат од Ековита.

Потсетуваат дека Ековита неколку пати даваше иницијатива да се тргне од дневниот ред гасната централа бидејќи доаѓаат локалните избори од аспект да не се политизира состојбата, разговарале и со Диме Витанов, претседателот на Советот, како и со пратеничката Лолита Ристова, и велат дека тие упорно инсистирале дека токму сега е моментот да се донесе одлука за изградба на централата.

-До сега немаме добиено никаков проект или физибилити студија за гасната централа и во услови на оскудни информации од флаери изработени од инвеститорот не сме во состојба да дозволиме изградба на Г-1 тешка загадувачка индустрија во Неготино! Смешни се изјавите на премиерот Заев дека ќе биде зелена фабрика од затворен тип „без оџак“, а ќе се преработува и гори над 700.000 тони комунален отпад! Во Неготино грубо се крши Архуската конвенција од страна на Делков и од централната власт, односно не се информираат и консултираат граѓаните кога се носат одлуки од загадувачки карактер, велат од здружението.

Го потсетуваат Делков за граѓанската иницијатива од 2019 година, кога не беше распишан Референдум, и покрај тоа што беа исполнети условите и собрани потписите на граѓаните.

-Во декември 2019 година не се собираа само потписи од граѓаните, туку Делков, требаше да сфати дека беше активирана граѓанска иницијатива за распишување на Референдум на локално ниво, што е голема темна дамка за неговото досегашно работење! Не може да ја анулира акцијата само со поништување на маркицата за депонијата, туку треба да се потенција дека и покрај законски собраните 20% од избирачкиот список, неговата екипа на чело со Делков, Граѓанската иницијатива ја прогласи за беспредметна, што е грубо кршење на законот и газење на волјата на граѓаните!
Ова не смее да помине неказнето! Сметаме дека е беспредметно да бара втор мандат од граѓаните! На Неготино му се потребни смели и мудри градоначалници кои ќе ги почитуваат граѓаните и ќе носат еколошки инвестиции а не да работат против иднината и здравјето на младите! Граѓаните го имаат последниот и одлучувачки збор! Да избереме градоначалник кој ќе обезбеди иднина на нашите деца! Да се игнорираат неспособни кандидати кои политички мудруваат!- е ставот на здружението.

Вики Клинчарова

Поврзани новости